Опозициската ДУИ од синоќа е во шаторот пред Уставниот суд каде се одржува „Стража на јазикот“. Тие и денеска се таму, велат поради студеното време се менуваат на неколку часа, а ќе останат се до среда кога е закажана седницата на Уставен. Со дел од раководството и членството на ДУИ беше и Артан Груби кој рече дека тој закон е преговаран и усогласен и со ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и со СДСМ, со што значи дека за него има консензус. Што ќе преземат во среда кога е седницата, дали ќе го блокираат Уставниот суд за да не можат да дојдат судиите и да не се одржи седницата, Груби вели дека немаат цел да попречат ниту една институција и дека нема да преземат никакви чекори кои ќе водат кон дестабилизација.
„Апсолутно ниту еден од нас, ниту еден од ДУИ, од претседателот па до последниот член нема никаква цел ниту за дестабилизација не ни е во агенда на ниту еден состанок не е воопшто разговарано, не е воопшто спомнато, напротив други зборуваат со месеци за дестабилизација а не ние, не ни е цел да попречиме ниту една институција, нас ни е цел да покренеме таква грижа во општеството каде што Македонците самите ќе се грижат за албанскиот јазик“, изјави Груби.
Но изминативе денови и премиерот Мицкоски и од коалицијата ВЛЕН уверуваат дека во среда нема ништо значајно да се случи и дека нема да се укине законот за јазиците. Груби на ова прашува, од каде им се таквите информации и дали тие се во директен контакт и договор со уставните судии. Сепак очекува дека судиите на седницата во среда ќе ја отфрлат иницијативата.
„Не знам од каде знаат дека нема ништо да се случи и дали комуницирале со уставните судии или пак влијаеле врз Уставниот суд дали да се случи нешто или да не се случи нешто. Се надевам дека не е така и посакувам дека уставните судии ќе постапат исто како што постапија и за Преспанскиот договор при што ја отфрлија иницијативата ќе ја отфрлат и оваа иницијатива и другите иницијативи за законот за употребата на јазикот и ќе се надминат себе си и ќе дадат придонес за едно кохезивно и еднакво општество на сите заедници“, вели Груби.
Подигнувањето на шаторот за како што го нарекоа „Стража на јазикот“ се случи вчера а раководството и членството ќе биде таму до среда се додека не се одржи седницата на Уставниот суд, каде на дневен ред е расправата за законот за јазиците.
TV21