Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, изјави дека се работи на решение за проблемот со неискористените термини во јавното здравство, на кои пациенти не се појавуваат. Тој апелираше до граѓаните, ако не можат да го искористат закажаниот термин, да го откажат најдоцна до последниот ден, преку СМС или преку лекар, за да се ослободи место за други пациенти.
„Следиме податоци за закажаните и искористените термини. Проблемот е голем, бидејќи на тој начин се одзема редот од оние што навистина имаат потреба од дијагностичка процедура“, рече Андовски.
Тој посочи дека во Скопје, од вкупно 4.070 закажани термини за компјутерска томографија, 970 пациенти не се појавиле, што е над 23% од терминот без откажување.
Министерството активно работи на пронаоѓање решенија и соработува со Мој термин и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Во некои земји, непојавување на термин два пати доведува до казни или ограничување на можноста за ново закажување, но Андовски нагласи дека во Македонија засега ќе апелираме и ќе разговараме со сите вклучени страни пред да донесеме конечна одлука.
TV21