„Завршете ја војната. Договор за заложници веднаш“ и „Заложниците нема да преживеат уште една зима“ беа меѓу транспарентите што ги носеа демонстрантите
Семејствата на израелските заложници протестираа денес пред резиденцијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху во Западен Ерусалим барајќи договор за размена на затворениците со палестинските групи во Газа, јавува Анадолу.
„Завршете ја војната. Договор за заложници веднаш“ и „Заложниците нема да преживеат уште една зима“ беа меѓу транспарентите што ги носеа демонстрантите.
Организаторите на протестот предупредија дека заложниците „нема да ја преживеат студената зима во тунелите на Газа“.
Роднините на израелските заробеници и опозициските партии ги заострија своите протести против Владата на Нетанјаху, кого го обвинуваат за саботажа на напорите за постигнување договор за размена со Палестинците за да се ослободат нивните најблиски.
Израел проценува дека Хамас во Газа држи околу 101 заробеник, а се смета дека некои од нив веќе се убиени во неселективните израелски воздушни напади низ густо населената енклава.
Напорите за посредување предводени од САД, Египет и Катар досега не успеаја да издејствуваат договор за прекин на огнот во Газа и размена на затвореници, но Вашингтон тврди дека израелскиот атентат на лидерот на Хамас, Јахја Синвар, на 18 октомври може да доведе до напредок во преговорите.
Меѓутоа, Хамас вели дека конфликтот ќе заврши само кога Израел ќе ја прекине својата воена кампања во блокираната енклава, во која од октомври минатата година досега се убиени речиси 43.800 Палестинци.
Поради израелската офанзива е раселено речиси целото население на територијата, а блокадата доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Израел се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите дејства во Газа.
AA