Северна Македонија постојано ја истакнува својата политичка посветеност на стратешката цел за интеграција во ЕУ, како и нејзината амбиција да продолжи во процесот на пристапните преговори, се наведува во годишниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава на европскиот пат, објавен денеска.
– По првата Меѓувладина конференција за пристапните преговори на 19 јули 2022 година, скрининг сесиите за сите шест кластери беа завршени на 7 декември 2023 година. Северна Македонија продолжи да ја спроведува Спогодбата за стабилизација и асоцијација и се одржаа средби на заедничките тела согласно договорот, се вели во документот.
Во Извештајот се посочува дека земјата треба да ги спроведува суштинските реформи поврзани со членството во ЕУ, да одржува добри односи со другите земји опфатени со процесот на проширување, како и да го продолжи својот ангажман во регионалните иницијативи.
– Постојните билатерални договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, се наведува во извештајот.
Во текстот се нагласува дека и покрај обидите, досега не е постигнат напредок во усвојувањето на уставните измени, кои земјата се обврза да ги започне и спроведе, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како Бугарите, како што е наведено во Заклучоци на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година.
– Институциите задолжени за процесот на интеграција се поставени. Новата Влада формираше Министерство за европски прашања, кое го замени Секретаријатот за европски прашања. По успешното завршување на процесот на скрининг, Северна Македонија треба да продолжи да ги зајакнува своите преговарачки структури со ЕУ и да постигне здрава координација меѓу ресорните министерства и институции, истовремено развивајќи ја експертизата поврзана со правото на ЕУ низ јавната администрација. Потребни се постојани и решителни чекори за да се забрза имплементацијата на реформите во ЕУ и да се придвижи напред во процесот на преговори за пристапување во ЕУ. Меѓупартиската соработка останува од витално значење во овој поглед, се потенцира во Извештајот. Во документот се нагласува дека земјата и натаму е целосна усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и во однос на руската агресија врз Украина, испраќајќи јасен сигнал за нејзиниот стратешки избор за пристап во ЕУ и уште еднаш докажувајќи се како доверлив партнер.
– Во 2023 година, Северна Македонија одигра активна улога во сложениот геополитички контекст за време на нејзиниот мандат како претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), потенцира ЕК. Извештајот посочува и дека земјата активно се вклучи во спроведувањето на новиот План за раст за Западен Балкан преку неговите четири столба – постепена интеграција во единствениот пазар на ЕУ, регионална економска интеграција, фундаментални реформи и зголемена финансиска поддршка.
– Нејзината реформска агенда ги опфаќа реформските заложби во областите на управување, реформи во јавната администрација и менаџирање со јавните финансии, потоа зелената и дигитална транзиција, човечкиот капитал, развојот на приватниот сектор и на соодветно деловно опкружување, како и во заштитата на основни права и владеењето на правото, се нагласува во Извештајот, при што се додава дека земјата годинава првпат беше вклучена и во Извештајот за владеењето на правото во ЕУ.
Во документот се наведува дека претседателските и парламентарните избори одржани оваа година биле спроведени „главно задоволително“, биле конкурентни и на нив биле почитувани основните слободи, а изборното законодавство дава соодветна рамка за одржување на демократски избори.
– Сепак, постигнат е ограничен напредок во однос на спроведувањето на препораките на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОБСЕ/ОДИХР) и на Венецијанската комисија. Северна Македонија треба да ги спроведе препораките брзо и многу време пред следните избори, се вели во текстот.
Во врска со Собранието се нагласува дека тоа ги извршува своите овластувања на претежно задоволителен начин, но дека и натаму продолжува политичката поларизација во него и беа одложено усвојувањето на важни реформи и неколку именувања… Парламентот треба внимателно да ја планира и усвои својата агенда и да ја ограничи употребата на брзи законодавни процедури или несоодветната употреба на процедурата „европско знаменце, што беше пракса досега, се потенцира во текстот и се додава дека меѓупартиската соработка е од суштинско значење за да се забрза спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ во интерес на граѓаните.
Комисијата наведува дека е потребна реформа на локалната самоуправа и треба „повторно да започне дијалогот меѓу различните нивоа на власта“.
– Меѓуетничките односи останаа стабилни, а Охридскиот рамковен договор продолжи да се спроведува. Граѓанските организации во Северна Македонија работат во опкружување, кое овозможува нивно функционирање. Сепак, Владата треба да ги зголеми своите напори за вклучување на граѓанското општество во приоритетните области и во консултативните активности. Сè уште треба да се изменат и имплементираат постојните правни и финансиски рамки, особено за да се обезбедат конзистентни механизми за обезбедување транспарентно јавно финансирање на граѓанските организации, посочува ЕК.
Во однос на реформата на јавната администрација се оценува дека земјата останува умерено подготвена и е постигнат ограничен напредок во текот на извештајниот период, особено со усвојувањето на измените на Законот за државна организација, кои донесоа подобрувања преку појаснување на одговорностите, воведувањето проценки на влијанието за формирањето нови државни органи и намалување на бројот на примарни буџетски корисници.
– Препораките на Комисијата од минатата година не беа целосно имплементирани и затоа остануваат во голема мера валидни, се вели во извештајот.
Во врска со правосудството се посочува дека земјата е „помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка“ за примена на правото на ЕУ и на европските стандарди во оваа област и дека генерално оствариле ограничен напредок во зајакнувањето на судската независност и подобрување на правната рамка за заштита на основните права.
Најавите на новата Влада за планови за „распуштање“ на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители предизвикуваат сериозна загриженост, бидејќи таквите активности ќе ја нарушат независноста на судството. Зголемениот дефицит на човечки ресурси во судството предизвикува загриженост за влијанието врз квалитетот и ефикасноста на правдата, се вели во Извештајот.
Во делот на судството се посочува дека треба да се донесе нов Закон за парнична постапка, во согласност со европските стандарди и да започне имплементација на новата стратегија за реформи во судството, да се зајакне Судскиот совет и да се обезбеди дека АКМИС системот е целосно функционален и компатибилен со нивото на сложеност на судските случаи.
– Северна Македонија е помеѓу одредено ниво на подготовка и умерено ниво на подготовка и не постигна напредок во превенцијата и борбата против корупцијата. Корупцијата останува распространета во многу области и е прашање што предизвикува сериозна загриженост, се наведува во текстот, при што се потенцира дека актуелната Влада јави дека борбата против корупцијата е нејзин приоритет.
Според ЕК, институционалната рамка за борба против корупцијата е поставена и е задоволителна во однос на превентивните мерки, сепак потребно е подобрување на спроведувањето на законите.
– Измените на Кривичниот законик од септември 2023 година ја ослабнаа правната рамка, негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, особено во случаите на високо ниво. Многу тековни случаи беа прекинати или поради истечен рок на застареност или поради тоа што конкретни прекршоци, како што е злоупотребата на службената положба при јавните набавки, веќе не постојат, се додава во Извештајот.
Комисијата препорачува дека треба да се донесе нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди, да се подобри имплементацијата на националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси и да се обезбедат човечки и финансиски ресурси на Основното јавно обвинителство за организиран криминал, како и да подобри проверката на имотните листови на избраните и именуваните функционери и надзорот над финансирањето на изборната кампања.
Во Извештајот се оценува дека правната рамка за заштита на основните права е делумно усогласена со правото на ЕУ и европските стандарди, како и дека земјата продолжува да ги исполнува своите општи обврски за почитување на основните права, но законодавството треба да се спроведува на систематски начин. Во овој дел во Извештајот се нагласува дека земјата треба посебно да посвети внимание тешките услови во затворите, да додели доволно ресурси до Канцеларијата на Народниот правобранител и на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и да обезбеди соодветна поддршка на ранливите категории деца, особено децата жртви на насилство, децата Роми и децата со попреченост.
Северна Македонија е помеѓу одредено ниво на подготовка и умерено ниво на подготовка за слободата на изразување и има ограничен напредок во оваа област, се наведува во документот и се препорачува да продолжи усогласувањето на правната рамка што ги регулира медиумите со правото на ЕУ и европските стандарди, особено со воведување правила за целосна транспарентност во сопственоста и рекламирањето на медиумите, конкуренцијата и државната помош и правата на интелектуална сопственост, да спроведе стратегијата за реформирање на Јавниот радиодифузен сервис и да продолжи да се справува со сите закани и акти на насилство врз новинарите и да обезбеди сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата, се наведува во документот.
Во Извештајот, меѓу другото, се даваат оценки и за функционирањето на пазарната економија, состојбата со јавните набавки, статистика и финансиската контрола, внатрешниот пазар, слободното движење на стоки и работниците, интелектуална сопственост, конкурентноста, финансиските услуги, заштита на потрошувачите и здравјето, дигиталната трансформација.
Економска, монетарната и социјалната политика, образованието, културата, науката и истражувањето, зелената агенда, транспортот, енергијата, животна средина и климатски промени, природните ресурси, земјоделство и кохезијата.
Во завршниот дел од Извештајот се потсетува дека земјата е вклучена во процесот на стабилизација и асоцијација од 1999 година, дека е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, како и дека на 26 март 2020 година Европскиот совет одобри отворање на пристапните преговори, по што на 19 јули се одржа Првата меѓувладина конференција и истиот ден Комисијата го започна скрининг процесот.
LIBERTAS