октомври 30, 2024

Сиљановска Давкова: Законот за климатска акција ќе биде пресвртница во заштитата и унапредувањето на животната средина

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска се обрати на настанот „Во пресрет на 29. Конференција на страните на Конвенцијата на ОН за климатски примени – COP29: зголемување на амбициите и овозможување акција“, организиран од УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

„Ми претставува чест денеска да бидам помеѓу долгогодишните поборници за климатска акција, како од државните, така и од академските институции и од невладиниот сектор. Климатските промени се високо на мојата агенда. Со страст и приоѓам на оваа тема. Затоа, им благодарам на УНДП, коишто во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, ја организираа денешнава размена на мислења.

Тука сме да се подготвиме за претстојната 29. Конференција на страните на Конвенцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP29, што годинава се одржува во Баку. Во наредните неколку недели, Баку ќе биде центарот на светската климатска дипломатија, каде што државите, со поддршка на меѓународните организации, ќе ги усогласуваат своите климатски амбиции и акции. Целта на COP29 е да се забрза имплементацијата на Парискиот договор, а глобалното затоплување да се држи во рамките на 1.5 °C.

Како претседателка ќе ја предводам нашата национална делегација на Самитот за климатска акција каде што ќе ги претставам македонските заложби, приоритети, но и предизвиците во справувањето со климатските промени.

Во светски рамки, македонскиот удел кон емисијата на стакленички гасови, а со тоа и кон глобалното затоплување, е занемарливо мал. Но, на национално и локално ниво, овој удел претставува сериозен здравствен, економски и безбедносен ризик.

Според УНИЦЕФ, секој деветти смртен случај кај новороденчиња во земјава е поврзан со загадениот воздух. Институтот за јавно здравје проценува дека секоја година во земјава од загаден воздух умираат околу 4.000 луѓе. Затоа, една од главните причини за иселувањето на луѓето не е висината на платата, туку квалитетот на животот и, особено, квалитетот на животната средина. Иселувањето на младото и работоспособно население води кон економска стагнација.

Но, освен здравствен и економски, емисиите на стакленички гасови се и безбедносен ризик. Тие забрзано водат до климатски промени со потенцијално катастрофални последици. Сè почестите екстремни временски појави, како што се топлотните бранови, сушите, невремињата и поплавите, вклучително и во нашиот регион, се само навестување на тоа каква иднина ги очекува следните генерации. Доколку се остварат негативните климатски сценарија, прашање е дали воопшто ќе можеме да зборуваме за одржливост или, пак, ќе треба да почнеме да размислуваме за преживување, односно способност за живеење?“, рече Сиљановска-Давкова.



TV21

Read Previous

Лимани: Новата детска градинка во Ѓорче Петров ќе обезбеди влез на нови 100 деца во предучилишното воспитание и образование

Read Next

ЕК: Северна Македонија посветена на членството во ЕУ, но потребни се суштинските реформи и напредок во уставните измени