Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска остварил средба со градоначалникот на Есенлер Мехмед Тевфик Ѓоксу, на која меѓу останатото разговарале за неодамна потпишаниот Протокол за соработка. Протоколот се однесува на имплементација на проектот за декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост.
„Денес остварив пријателска и конструктивна средба со градоначалникот на Есенлер од Република Турција, Мехмед Тевфик Ѓоксу. На средбата уште еднаш го потврдивме пријателството, партнерството и добрата соработка воспоставена преку неодамна потпишаниот Протокол за соработка, кој се однесува на имплементација на проектот за декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост“, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Тој нагласи дека Камениот е срцето на Скопје, сведок на времињата, симбол на поврзувањето, културно-историско наследство и едно од најпрепознатливите обележја на нашиот град.


