ноември 21, 2024

Гаши во Туркије: Балканот повторно ќе се обедини како место на допир на цивилизациите, културите и религиите

Гаши истакна дека Северна Македонија е пример дека на овие простори може да се гради соживот, градејќи држава и општество со различности, но во комплементарно единство

Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, кој престојува во посета на Туркије, заедно со својата собраниска делегација присуствуваше на конференцијата по повод отворањето на академската 2024-2025 година на Универзитетот „Мармара“ во Истанбул, пренесува Анадолу.

Како што соопшти Канцеларијата за медиуми на Собранието на Северна Македонија, Гаши одржал предавање пред ректорот, професорите и студентите на универзитетот на тема: „Односите меѓу Северна Македонија и Туркије на историски и политички план, актуелни прашања во светот“.

Во своето обраќање пред присутните, Гаши се осврна на заедничката географија и историја, образованието, културата и градењето на нацијата, заедничката геополитика и перспективите за тоа како би можел да изгледа заедничкиот свет во иднина.

Тој изрази уверување дека „Балканот повторно ќе се обедини, не само како географска целина, туку и како место на допир на цивилизациите, културите и религиите во пошироки размери, каде ќе преовладува мирот, безбедноста и благосостојбата.“

Понатаму, Гаши посочи дека Северна Македонија е пример дека на овие простори може да се гради соживот, градејќи држава и општество со различности, но во комплементарно единство.

Во рамки на официјалната посета на Туркије, Гаши оствари средба и со граѓани од Северна Македонија кои престојуваат во Истанбул. На средбата тој истакна дека Северна Македонија и Туркије ги поврзуваат историски и културни врски, и дека во тој поглед иселениците претставуваат важна алка во цврстото пријателство и плодната соработка меѓу двете земји.

Гаши при посетата на Туркије е придружуван од делегација составена од пратениците Бејџан Иљас, Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Мерита Колчи Коџаџику и Беким Сали.





AA

Read Previous

Пожарникарите гаснеа три пожари на отворено, информира ЦУК

Read Next

Кафулето „Газа“ во Косово го насочува вниманието кон случувањата во Палестина