За време на одржувањето на 79-тото Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, на маргините од ГС, остварил одвоени средби со министерот за надворешни работи на Република Литванија, Габриелиус Ландсбергис со министерот за надворешни работи, африканска соработка и иселеништво на Кралството Мароко, Насер Бурита.
Фокусот на двете средби, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, бил ставен и на понатамошното продлабочување на билатерелната соработка, со посебен акцент на зајакнување на економските релации помеѓу двете земји.
На средбата со литванскиот колега било искажано заемно задоволство од развојот на билатерални односи, кои двете пријателски земји во континуитет ги негуваат во изминатиот три-децениски период.
Од двете страни, како што е наведено во соопштението, била нагласена подготвеност за натамошно унапредување на меѓусебното пријателство и партнерските односи, преку продолжување на интензивниот политички дијалог на сите нивоа.
– Министерот Муцунски се заблагодари на континуираната и искрена поддршка на Литванија за евроинтегративните напори на Македонија, нагласувајќи дека земјава е целосно подготвена за започнување преговори за членство во ЕУ, при што тој ја поздрави одлуката за отворање на канцеларија на Литванија во Скопје, која е уште една силна потврда за блиските и пријателски билатерални односи и за заложбите за нивно натамошно унапредување, се наведува во соопштението.
Министерот Ландсбергис изразил уверување дека Литванија и во наредниот период ќе продолжи да биде силен поддржувач на нашите евроинтеграции.
На средбата со министерот за надворешни работи, африканска соработка и иселеништво на Кралството Мароко, Насер Бурита, бил нагласен позитивниот развој на односите меѓу двете пријателски држави, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Во тој контекст биле разменети и мислења за актуелните меѓународни прашања, како и за регионалните теми, вклучително и надворешно-политички приоритети и состојби во непосредното опкружување на двете земји.
ZOOM