Министерот Трипуновски рече дека е особена чест и задоволство да се биде домаќин на ваков настан, и порача дека ќе продолжи регионалната соработка и меѓусебната размена на информации и заемна помош како регион
Во Скопје денес се одржа 18. годишен состанок на министрите за земјоделство од земјите од Југоисточна Европа, јавува Анадолу.
На состанокот, покрај министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија, Цветан Трипуновски, присуствуваа и министерот за земјоделство на Црна Гора, Владимир Јоковиќ, министерот за земјоделство на Косово, Фатон Пеци, министерката за земјоделство на Албанија, Анила Денај, како и министерот за земјоделство и рурален развој на Полска, Чеслав Сиекиерски и други учесници.
Министерот Трипуновски рече дека е особена чест и задоволство да се биде домаќин на ваков настан како што е 18-тиот годишен работен состанок на министрите за земјоделство од Југоисточна Европа. Тој истакна дека на агендата се многу значајни теми, анализи од повеќе аспекти, додека на крајот од настанот ќе се извлече генерален заклучок од дискусиите со што ќе се донесе Заедничка декларација.
„Ќе ја продолжиме регионалната соработка и меѓусебната размена на информации и заемна помош како регион. Со декларацијата ќе ја изразиме нашата силна решеност да креираме политики и национални акциски планови за да постигнеме национална и регионална безбедност на храна и стратешка автономија во отворената економија за обезбедување на одржливо и конкурентно производство на храна достапна за населението од целиот регион“, рече Трипуновски.
Министерката за земјоделство на Албанија, Анила Денај, рече дека и е мило што е во Скопје да разговара за работата во областа на земјоделството со земјите од регионот, притоа додавајќи дека се во постојан контакт со соседните земји за зголемување на соработката во овој сектор.
Црногорскиот министер Јоковиќ рече дека состанокот е исклучителна можност за заедничка средба и разговори за регионалната соработка и одговор на предизвиците кои се наоѓаат пред земјоделството, климатските промени и заразните болести кои ги погодуваат растенијата и животните.
„Верувам дека ќе постигнеме напредок во нашата соработка која е на исклучително на високо ниво бидејќи меѓу Црна Гора и Македонија постои искрено пријателство, кое сакаме да го негуваме, и на наредните генерации да им го оставиме залогот од нашите предци и од нас, а верувам дека преку ЕУ и фондовите земјоделството ќе напредува. Секако, има проблеми, но тука сме да ги решиме“, истакна Јоковиќ.
Министерот за земјоделство на Косово, Фатон Пеци, рече дека на министерскиот состанок се да споделат информации, но и да се запознаат со најдобрите практики за напредок од земјите со цел да се има многу подобра соработка во земјоделство.
AA