Споменикот на ослободителите на Скопје кој се наоѓа во дворот на Владата ќе биде заграден со оградата која од вчера повторно се поставува. Од Владата велат дека оградата ќе се поставува на постојните бетонски столбови, но секој ќе може да влезе и да го посети споменикот.
„Оградата ќе биде поставена на местото каде веќе еднаш беше отстранета. Не се предвидува дополнително оградување, а вратите ќе бидат отворени постојано за граѓаните, исто како и достапноста и пристапот кон Споменикот на ослободителите“, велат од Владата.
Споменикот „Ослободители на Скопје“ е изграден во 1955, дело е на вајарот Иван Мирковиќ. Секоја година, Денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, се одбележува со манифестација пред споменикот.
ПОЧНА ДА СЕ ПОСТАВУВА МЕТАЛНАТА ОГРАДА ОКОЛУ ВЛАДАТА
Оградата пред владината зграда беше поставена во 2015 кога објектот доби барокна фасада, а чинеше околу 700.000 евра. Кога СДСМ со Зоран Заев како премиер дојде на власт во 2017, најави дека оградата ќе се отстрани за да биде објектот отворен за граѓаните. Тоа беше едно од предизборните ветувања на премиерот Заев.
Оградата беше тргната во февруари 2019, се сруши само нејзиниот метален дел, а бетонските столбови останаа, бидејќи, како што кажаа тогаш од Владата, нивното отстранување било скапо. Тогаш беше речено дека од оградата ќе се направат клупи и настрешници, но тоа не се случи.
TİME