Општина Центар денеска го објави јавниот повик за субвенции за купување нов велосипед, електричен велосипед и електричен тротинет, во рамки на проектот „Цел Центар на точак“. Финансиската поддршка изнесува 30 проценти од сумата на купениот велосипед, но во износ најмногу до 3.000 денари.
– Секој полнолетен жител на Општина Центар може да се пријави на овој Јавен повик. Морам да нагласам дека велосипедите и електричните тротинети треба да се купени по 1.6.2024. Потребно е само да ја доставите потребната документација. Проектот „Цел Центар на точак“ со години наназад се покажа како успешен. Центарци имаат навистина огромен интерес, а во исто време проектот придонесува кон здрава и чиста животна средина, се наведува во пишаната изјава на градоначалникот Горан Герасимовски.
За доделување на финасиската помош, како што информираат од Општина Центар, потребно е да се достави барање за субвенционирање, копија од лична карта и трансакциска сметка, како и фискална сметка во оригинал за купен нов велосипед, е-велосипед или е-тротинет.
Барањето за субвенција е достапно во архивата на Општина Центар-Скопје (барака бр.6) и на веб страната на Општина Центар-Скопје www.centar.gov.mk.)
Комплетната документација заедно со барањето се доставува во архивата на Општина Центар- Скопје од 09 до 15 часот, почнувајќи од денот на објавување на повикот.
Од Општина Центар информираат дека субвенционирањето трае се до исцрпување на средствата.
ZOOM