ноември 26, 2024

Колку новата влада води сметка за другите етнички заедници како што е турската?

Една недела Македонија има нова Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која за свои коалициски партнери ги има коалицијата Вреди и партијата ЗНАМ. 

Иако при формирањето на владата, тогашниот мандатар а сега премиер, говореше дека во нејзиниот состав ќе има претставници на сите етнички заедници, сепак одредени етнички заедници, како турската се чувствуваат запоставени и дискриминирани.

Меѓу нив е и пратеникот Сали Мурати, кој смета дека Турците со новата Влада се на некој начин дискриминирани.

Мурати кој е и поранешен претседател на Уставниот суд смета дека и во делот од програмата и во делот од предложените членови во владата, мандаторот, односно сега премиерот покажува селективен, нереален и дискриминаторски пристап кон турската заедница во Република Македонија.

„Тој во програмата се однесува во улога на давател. Тој не може да биде во улога на давател или земател на нашите основни слободи и права, признати во меѓународното право и утврдени во Уставот. Неговите наводи во предложената програма го надминуваат прагот на предвидувањата во Уставот. Индиректно не дава доволно тежина на придобивките од хармонијата, заедништвото, различностите и други позитивни вредности.

Тој во својата програма индиректно задира во еднаквоста на граѓаните и нуди многу малку позитивно за другите. За почитуваниот мандатор, другите заедници во однос на нивните култури, традиции, образование, јазици и дијаспори се опишани во програмата како помалку вредни, помалку богати и помалку заштитени. Ако го резимирам горенаведеното, доаѓам до заклучок дека програмата посветува многу малку внимание, без конкретни предлози и дејствија за одржување на добри меѓуетнички односи врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување, како и за спроведување на Уставот и Охридскиот рамковен договор.  Во неговата програма многу малку се спомнуваат заедниците, особено помалите. Искрено сум изненаден од програмата бидејќи има многу малку афирмативни белези за мојата заедница во однос на проблемите и нивните решенија во сферата на правичната застапеност, образованието на турски јазик во основно и средно ниво, употребата на турскиот јазик на локално и централно ниво, културата (театри, ансамбли, национални установи, спомен-куќи, реставрација на културното наследство) и медиумите. Исто така, не најдов во неговата програма ниту еден афирмативен белег за инфраструктурата, локалните патишта, канализации, културни и спортски објекти во руралните средини каде што во поголем број живеат граѓани од турската заедница“ вели Мурати.

Мурати смета дека и во новата влада, како што тоа било случај и во претходните, не се почитува доследно принципот на правична и соодветна застапеност.

„Она што сакам да потенцирам е непочитувањето на принципот на правична и соодветна застапеност, за жал и во оваа и во претходните влади, особено кога се во прашање припадниците на турската заедница. Жално и донекаде срамно е дека во рок од 35 години од нашата државност сме имале само еден единствен ресорен министер, и тоа беше господин Исмаил Ѓунер. Во неколку влади сме имале безресорни министри. За жал, како трета заедница во државава и со 5 пратеници во различни партии во овој состав на Собранието, мандаторот не искажа доблест и не ја согледа реалноста. Со годините наназад, 60% од турските гласови во разни коалиции ги зема партијата ВМРО-ДПМНЕ, а и сега во нивната коалиција има турска партија. Другите 30% гласови на централно ниво ги има земено СДСМ, а 10% од турските гласови ги земале албанските партии. Радува фактот дека во владата има претставници од српската и ромската заедница, но збирот на сите помали заедници опфатени во Уставот е малку поголем од збирот на турската заедница“ вели Мурати. 

Можно е негативно влијание врз односите меѓу Македонија и Турција

Според пратеникот ваквиот однос на новиот премиер, може негативно да се одрази и на односите со Република Турција, традиционалниот партнер на Република Македонија.

„Лично јас и повеќето Турци сметаме дека со отсуството на претставник од турската заедница во владата, премиерот покажал селективен, нереален и дискриминаторски пристап. Тој директно го повредил уставниот принцип на соодветна и правична застапеност, предвиден во членот 8 од Уставот на Република Северна Македонија. Сметам дека, отсуството на претставник од турската заедница во владата нема да се одрази добро на односите помеѓу нашата држава и Република Турција.

24infomk

Read Previous

Османи ѝ порача на новата влада да има конструктивен, а не кавгаџиски однос кон Грција

Read Next

Филипче ја презеде функцијата Претседател на СДСМ, следи период на обединување и реформа