Во честитката упатена од Стево Пендаровски, претседателот на Северна Македонија, се посакува среќа и радост, како и просперитет и развој.
Државниот врв на Северна Македонија упати честитки по повод Рамазан Бајрам, празник на припадниците на исламска вероисповед, посакувајќи мир, просперитет и хармонија, јавува Анадолу.
Во честитката упатена од претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, се посакува среќа и радост, како и просперитет и развој.
„Токму во духот на празникот, не само во претстојните три празнични дена, туку и во текот на целата година да живееме во мир и во хармонија, да бидеме солидарни и љубезни, исполнети со среќа и со радост. Сите сплотени да споделуваме со нашите ближни, со нашите поблиски и подалечни соседи, визија за благосостојба, просперитет и развој на нашата заедничка татковина“, се наведува во честитката на претседателот Пендаровски.
Премиерот на Северна Македонија, Талат Џафери, во честитката нагласува дека ова е празник кој ги обединува семејствата и роднините низ вековите, како и поттикнува солидарност и духовна сила кај луѓето за меѓусебна почит.
„Посакувам Рамазан Бајрам да донесе здравје, мир, благосостојба и хармонија во душата, во семејството, во државата. Тоа е празник што ги обединува семејствата, блиските, пријателите, соседите низ векови, пренесувајќи ја вредносната порака дека само заедничката среќа носи вистинска среќа. Тоа е празник кој поттикнува солидарност и духовна сила кај луѓето за меѓусебна почит, за трпение и разбирање, како единствен пат кон посакуваниот мир. Затоа, да правиме добри дела, да бидеме секогаш еден до друг и со подадена рака еден кон друг да напредуваме сите заедно“ се вели во честитката на премиерот Џафери.
Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Јован Митрески, упати честитка до поглаварот на ИВЗ и до граѓаните од исламска вероисповед, посакувајќи денешниот ден да се помине во среќа, благосостојба и во хармонија со најблиските.
„Верувам дека, по еден месец пост, сите Ваши желби ќе бидат слушнати, а меѓусебната почит, разбирањето, толеранцијата и хуманоста, кои треба да бидат одраз на секој човек, ќе помогнат тие да се исполнат. Верските празници го воздигнуваат човекољубието, така што изминатиов месец покажавме дека не е важно на која религија припаѓаме, туку е важна меѓусебната почит и разбирање, кои нѐ прават сите нас подобри и духовно побогати“, се наведува во честитката на спикерот Митрески.
По повод Рамазан Бајрам, честитки упатија и државни функционери и други јавни личности.