Кoмитетот за политички прашања и демократија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПСВЕ) денеска со мнозинство гласови даде позитивно мислење за приемот на Косово во Советот на Европа, одлуката беше наречена „скандалозна“ и „срамна“ во првите реакции на Белград.
На состанокот на Комитетот во Париз се гласаше за извештајот на грчката претставничка Дора Бакојани, во кој беше препорачано Косово да биде примено во Советот на Европа. За членство на Косово гласаа 31 претставник, четворица беа против, а еден воздржан, објавија белградските медиуми.
Шефот на српската делегација во ПСВЕ, Билјана Пантиќ Пиља, изјави дека против гласале претставниците на Србија и по еден од Босна и Херцеговина и Црна Гора, додека грчкиот претставник бил воздржан.
Следниот процедурален чекор е да се разгледа барањето на Косово за членство на пленарната седница на ПСВЕ, која се очекува на 18 април.