November 16, 2026

Семејното насилство не стивнува: 15 пријави за едно деноноќие низ државата


Во само 24 часа низ државата биле пријавени 15 случаи на семејно насилство, а во дел од нив полицијата интервенирала и привела осомничени лица. Пријавите опфаќаат физички напади врз сопруги, девојки, поранешни партнерки, родители, но и деца, како и упатување закани во семејните домови.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 15 ноември во Охрид бил приведен 31-годишниот Х.К., по пријава дека физички ја нападнал својата девојка. Во Пробиштип, пак, од слобода бил лишен 54-годишен маж, кој според пријавата ја нападнал својата 61-годишна сопруга.

Сличен случај бил регистриран и во Гостивар, каде полицијата го привела 32-годишниот Ќ.Х. по пријава дека физички ја нападнал својата поранешна 25-годишна девојка, државјанка на Турција, која привремено престојувала во градот.

Во струмичкиот регион биле регистрирани неколку случаи. Полицијата привела 59-годишен маж по пријава дека агресивно се однесувал кон својата 91-годишна мајка и му се заканувал на 63-годишниот брат. Во одделни случаи, биле приведени и 42-годишен и 62-годишен маж поради пријави дека физички ги нападнале своите сопруги.

Во гостиварско, 37-годишен маж бил приведен по пријава дека ја нападнал својата 28-годишна сопруга, додека 56-годишен жител на Гостивар бил лишен од слобода поради закани упатени кон неговиот 31-годишен син.

Два случаи биле пријавени и во Велес и Охрид. Во Велес, полицијата привела 33-годишна жена по пријава од нејзиниот поранешен невенчан сопруг дека го нападнала физички. Подоцна и таа пријавила дека била нападната од него. Во Охрид, пак, бил приведен 34-годишен скопјанец со престој во градот, по пријава дека ја нападнал својата девојка.

Во Куманово бил приведен 19-годишник по пријава дека го нападнал својот татко.

И во Скопје биле регистрирани повеќе случаи. 65-годишен маж бил повикан на службен разговор по пријава дека ја нападнал својата 62-годишна сопруга во семејниот дом на подрачјето на Бит-пазар.

Во Центар, 47-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг, со кого се во бракоразводна постапка, физички го нападнал нивниот 16-годишен син. Во Карпош, пак, бил пријавен случај на закани кон брачен пар од страна на нивниот 18-годишен син.

Последниот пријавен случај во Скопје се однесува на физички напад во семејниот дом во Аеродром, каде 52-годишен маж пријавил дека бил нападнат од својата 36-годишна сопруга, која, според пријавата, фрлала предмети кон него и употребила тврд предмет. Таа, наводно, се обидела да ја нападне и неговата мајка.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на сите случаи, по што ќе следуваат соодветни поднесоци.

Министерството апелира до граѓаните да не го премолчуваат семејното насилство и навремено да ги пријавуваат ваквите случаи. Жртвите, но и сите кои имаат сознанија за насилство врз друго лице, можат да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 112 и 192.

Read Previous

Колку нè чинат банкарските услуги во Македонија? Големи разлики во провизиите на 12 банки – некаде плаќате и неколку илјади денари повеќе!