„Со ова се реши долгогодишниот проблем за кој со години имаше континуирани барања. Честитки за медресантите“, рече премиерот Талат Џафери.
Премиерот на Северна Македонија, Талат Џафери, соопшти дека учениците од медресата „Иса-бег“ во Скопје отсега ќе можат да се запишуваат на факултетите во земјата, со што ќе се стави крај на долгогодишниот проблем, пренесува Анадолу.
„Проблемот на медресата Иса-бег е решен со владина одлука. Учениците кои ќе го завршат средното образование во исламската гимназија, медресата Иса-бег, ќе можат да се запишат на универзитетски студии на факултетите во земјава“, напиша Џафери на социјалните мрежи.
„Со ова се реши долгогодишниот проблем за кој со години имаше континуирани барања. Честитки за медресантите!“, додаде Џафери.
Од друга страна, во соопштението на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија се наведува дека Владата на Северна Македонија донесе одлука за медресата „Иса-бег“ во Скопје, да е акредитирана и да добие редовен статус на гимназија.
Во ова соопштение се вели дека со овој статус, учениците на медресата ќе имаат право да се запишат на сите универзитети во земјата и во странство.
„Исламската верска заедница на РСМ изразува големо задоволство што по долги години Иса-бег медресата е акредитирана најпрво од Владата на РСМ на чело со премиерот г. Талат Џафери, министерот за образование и наука г. Јетон Шаќири, Бирото за образование, факторите и експертите кои придонеле за изработка на извештајот, Дирекцијата на медресата со своите паралелки, секторите на ИВЗ, како и големата поддршка од муфтиите, муфтиствата и воопшто од сите имами и верници“, се додава во соопштението на ИВЗ.