ноември 23, 2024

Голоб: На Словенија ѝ треба работна сила, наша задача е интеграцијата на странците

„Не може да бидеме слепи на фактот дека на пазарот на трудот му се потребни нови работници мигранти“.

Темата за илегалната миграција ја тресе цела Европа и тоа не се случува само во Словенија, изјави словенечкиот премиер Роберт Голоб, јавува Анадолу.

Премиерот, одговарајќи на пратенички прашања на почетокот на редовната мартовска седница на Државниот збор (Парламентот), меѓу другото, рече дека планираните нови азилантски центри ќе бидат привремени и дека Словенија смета на построги меѓународни закони во однос на миграциите.

Во моментов, според Голоб, најмногу доаѓаат луѓе од Сирија и Авганистан и дека нема назнаки дека тој „проблем сам ќе се реши пред словенечката граница“.

„На секој Европски совет лидерите на земјите од ЕУ разговараат за тоа дека само со координирана акција може да се ублажи протокот на илегалните миграции“, истакна Голоб.

Тој рече дека Словенија географски се наоѓа на една од клучните миграциски маршрути, на јужнобалканската траса.

Од 300.000 илегални мигранти што влегле во ЕУ минатата година, околу 60.000 од нив преминале преку Словенија.

„Знаеме дека овие текови ќе продолжат бидејќи жариштата во светот, за жал, не стивнуваат“, рече Голоб.

Како што наведе, Словенија е свесна за својата улога во миграцискиот коридор и нејзина задача е да обезбеди миграциите што помалку да влијаат врз локалното население.

Како што појасни, минатата година за оваа намена е воведен граничен надзор со Хрватска и Унгарија. Зајакнат е полицискиот надзор и во Општина Брежице бидејќи годинава 82,4 отсто од сите мигранти влегле во Словенија токму во оваа Општина.

Полицијата ги пресретнува мигрантите веднаш по преминувањето на границата што, како што рече Голоб, не било случај претходно. Потоа тие се носат во полициската станица во Брежице, каде што се преземаат и регистрираат. По формирањето на центарот во Обреже повеќе не би било потребно да се транспортираат мигранти до полициската станица во центарот на Брежице.

„Изборот на две локации е условен од два фактора предложени од полицијата“, рече Голоб.

Првиот критериум на полицијата е локацијата, предложено е центарот да се формира што поблиску до местото каде што се пресретнуваат дојденците. Вториот критериум за избор на локацијата беше државната сопственост на територијата на која може да се развиваат дополнителни капацитети.

Голоб додаде дека Словенија има четири центри за азил, чии капацитети во моментов не се оптоварени, но ситуацијата се менува во летните месеци, кога миграцијата е поголема.

„Тогаш се пренатрупани постојните домови за барателите на азил, тогаш се јавува потреба за привремено, преодно сместување. Тоа е целта на овие две локации, да бидеме подготвени доколку има потреба. Тоа што ни треба денес е на местата каде што ги пресретнуваме, затоа го избравме Обрежје, да ги спроведеме сите процедури на кои сме обврзани со меѓународното право, од гледна точка на одбивањето на границата. Пактот ќе ѝ овозможи на словенечката полиција да биде поефикасна во враќањето на мигрантите од оние земји во кои всушност нема воена состојба. Денес полицијата, за жал, има врзани раце според меѓународните конвенции и не може да прави разлика меѓу мигрантите што се појавуваат на нашата граница. Тоа е работа на судот, а овде процедурите, за жал, траат долго“, истакна Голоб.

Словенечкиот премиер додаде дека само ЕУ може да ги смени меѓународните правила, а со пактот за миграции треба значително да ги скрати процедурите.

Словенечкиот премиер објасни дека посетувањето основно училиште е уставно право и наедно должност на секое дете, без оглед на неговата националност. Според него, девет отсто од сите ученици што не се родени во Словенија се запишани во основните училишта.

Со оглед на потребата од работна сила од странство, тој очекува процентот на деца родени надвор од државата да продолжи да расте.

„Не може да бидеме слепи на фактот дека на пазарот на трудот му се потребни нови работници мигранти. Наша должност е да им помогнеме да се интегрираат. Затоа што ни требаат нивните вредни раце и нивниот ум за Словенија да расте. Ние сме тие што ги повикуваме и ние мора да се погрижиме да бидат што подобро интегрирани во општеството“, рече Голоб.

Read Previous

Меџити: Османи куќата, додека Груби и неговите браќа становите, ги изградија и ги проширија на диво

Read Next

Бројот на загинати во израелските напади во Газа надмина 32.400