– Свечена комеморација по повод 125-годишнината од дипломирањето на големиот турски водач Мустафа Кемал Ататурк се одржа во битолската Воена гимназија.
БИТОЛА (АА) – Свечена комеморација по повод 125-годишнината од дипломирањето на големиот турски водач Мустафа Кемал Ататурк се одржа во битолската Воена гимназија во Северна Македонија, јавува Анадолу.
На церемонијата што се одржа во поранешната битолска Воена гимназија, која денес се користи како Градски музеј на Битола, присуствуваа вршителот на должноста амбасадор на Туркије во Скопје, наедно и трет секретар во амбасадата, Џунејт Талха Озјурек, заменик-началникот на Генералштабот на Северна Македонија, генерал-мајор Азим Нуредин, заменик-министерот за одбрана на Северна Македонија, Тирон Јајага, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, политичари, претставници на турските институции и организации во земјата и други поканети гости.
Церемонијата започна со едноминутно молчење во спомен на Ататурк и неговите соборци, по што следуваше интонирање на националните химни на двете земји.
Озјурек истакна дека Битола, каде што Ататурк се образувал и која има големо влијание во оформувањето на неговата перспектива на светот, има голема важност во заедничката историја на Северна Македонија и Туркије.
„(Во Битола) Тука почна да се оформува инфраструктурата на интелектуалниот живот на Мустафа Кемал, кој го продолжи своето образование во Битола од март 1896 година. Политичките и воените случувања што се случуваа во и околу Македонија во тоа време несомнено одиграа важна улога во развојот на неговата личност“, рече Озјурек.
Тој нагласи дека Ататурк успешно дипломирал на Воената гимназија во 1899 година и додаде:
„По завршувањето на воената обука Ататурк трчал од фронт на фронт и како резултат на една борба без преседан ја имал честа да биде основач на Република Туркије, која ја нарекол ‘моето најголемо дело’. Овие територии, каде што Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Република Туркије, се образувал и се поврзувал со нејзината богата културна атмосфера, се татковина на турската заедница во Северна Македонија, која претставува мост на пријателство меѓу нашите земји и е една од основачките елементи на оваа земја.“
Нуредин нагласи дека Ататурк бил еден од највлијателните личности на 20 век.
„Наследството на Мустафа Кемал Ататурк не познава граници, религија, раса, идеологии, инспирирајќи генерации со неговата визија, храброст, исклучителна посветеност кон светскиот напредок и промовирање на трајниот мир помеѓу народите“, рече Нуредин.
Според него, времето на Кемал Ататурк поминато во Битола постави основи за оформувањето на неговата космополитска интелектуална свест, која подоцна му отвори нови хоризонти и перспективи.
Нуредин истакна дека Ататурк изгради мост на вечно пријателство помеѓу Северна Македонија и Туркије.
Тој рече дека Туркије секогаш ѝ помагала на Северна Македонија, нагласувајќи дека помеѓу двете земји постои одлична соработка во областа на одбраната.
„Кога и да е побарана помош, Република Туркије секогаш излегувала во пресрет на тоа што е побарано во зависност од можностите. Република Северна Македонија, исто така, несебично се одѕва и на повикот за помош во катастрофалниот земјотрес, при што прати свои екипи од Армијата и други институции во државата за пребарување и спасување на луѓе од урнатините од катастрофалниот земјотрес во Кахраманмараш. Никој не би сакал да има потреба од таква помош, меѓутоа кога има потреба од тоа, пријателите меѓусебно си помагаат и во добро и во лошо“, додаде Нуредин.
Воениот аташе при Амбасадата на Туркије во Скопје, Реџаи Јилмаз, даде информации за образованието и животот на Мустафа Кемал Ататурк во Воената гимназија во Битола.
„Значителен дел од својот воен живот го поминал на фронт. Мустафа Кемал Ататурк, кој на пат тргна со зборовите ‘или независност или смрт’ пред опасноста од целосно распаѓање на земјата, ја основа Република Туркије пишувајќи ја епопејата на спасот што е врежана со златни букви во светската историја“, нагласи Јилмаз.
По завршувањето на говорите гостите ја посетија Спомен-собата на Ататурк и се потпиша во спомен-книгата.