ноември 22, 2024

МФ: Oбезбедени се 98,6 милиони од ЕБОР за изградба на гасниот интерконектор со Грција,

Државата ја заокружи финансиската конструкција за реализација на проектот за изградба на Гасен интерконектор со Грција со обезбедување 98,6 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Денеска во Собранието беше усвоен Законот за гаранција на  РС Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот за регионална гасификација, кој ќе се склучи меѓу АД НОМАГАС  и Европската банка за обнова и развој.

-Проектот за регионална гасификација е од стратешко значење за Република Северна Македонија. Обезбедува сигурност во снабдувањето и диверзификација на изворите на снабдување, а со тоа ја зголемува и нејзината енергетска независност. Дополнително влијание ќе има и врз обезбедувањето забрзан и одржлив економски раст, повисок животен стандард и квалитет на живот на граѓаните, вели министерот за финансии Фатмир Бесими и додава дека станува збор за еден од најприоритетните проекти за земјата, како и за регионот и дека тој е поддржан од сите релевантни европски институции.

Тој додаде дека ова е дел од инвестицискиот пакет за реализација на крупни инфраструктурни проекти во наредниот период, како во патната, железничката инфраструктура, енергетиката и слично.  Тие се моторот на развојот за обезбедување одржлив раст.

За реализација на проектот се обезбедени 28,9 милиони евра заем од Европската инвестициска банка (ЕИБ), грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан -БВИФ во износ од 12,7 милиони евра и од ЕБОР 98,6 милиони евра.

Со проектот е опфатена изградба на  интерконекторот со Грција (66 км) и двете делници: – делница Гостивар – Кичево (34 км) – делница Свети Николе – Велес (28 км).  Имплементатор на проектот е НОМАГАС АД Скопје.

По усвојувањето на Законот за гаранција од страна на Собранието  ќе биде потпишан Договор за гаранција, меѓу Република Северна Македонија, претставувана од Министерството за финансии и ЕБОР,  Договор за заем, меѓу НОМАГАС АД Скопје и ЕБОР, како и  Договор за регулирање на меѓусебните права и обврски меѓу Министерството за финансии и НОМАГАС АД Скопје.

Read Previous

Мицкоски: Доколку следната недела би се одржале изборите, излезноста би била над 50 проценти

Read Next

Одбележана 125-годишнината од дипломирањето на Ататурк во Воената гимназија во Битола