– Портпаролот на Министерството за здравство на Палестина, Ашраф ал-Кудра, во своето обраќање пред новинарите рече дека во израелските напади се ранети 49.645 лица
Во израелските бомбардирања и гранатирања на Појасот Газа досега се убиени 18.205 Палестинци, соопшти синоќа Министерството за здравство на опколената палестинска енклава, пренесува Анадолу.
Портпаролот на Министерството за здравство на Палестина, Ашраф ал-Кудра во своето обраќање пред новинарите рече дека во израелските напади се ранети 49.645 лица.
Според зборовите на портпаролот, 22 болници и 46 центри за примарна здравствена заштита не се во функција поради оштетувањата и уништувањата предизвикани од израелските бомбардирања и гранатирања.
„Најмалку 296 медицински лица, исто така, се убиени во израелските напади од 7 октомври досега“, рече Ал-Кудра.
– Израелски напади на Појасот Газа
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
На 24 ноември, во 07:00 часот по локално време, стапи на сила четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.
На 1 декември (петок), по завршувањето на хуманитарната пауза, израелската војска продолжи со своите интензивни напади низ Појасот Газа, убивајќи повеќе од 18.200 Палестинци и ранувајќи над 49.645 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.
AA