ноември 23, 2024

Ковачевски во Париз на Генералната конференција на УНЕСКО, на Парискиот мировен форум и на вечера со Макрон

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски ќе биде во работна посета на Париз, каде што ќе се обрати на 42. Генерална конференција на УНЕСКО, соопшти вечерва владината прес-служба. На официјалната посета на УНЕСКО, Ковачевски ќе биде пречекан од Одре Азуле, генерална директорка на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации.

-Во рамки на посетата, премиерот Ковачевски заедно со повеќе шефови на држави и влади, лидери на меѓународни организации, влијателни личности од меѓународниот бизнис, од граѓански организации, од академската заедница ќе присуствува на отварањето на 6. Париски мировен форум. Главна цел на Форумот е да ја поттикнува соработката и трагањето по решенија за предизвиците со коишто се соочува светот. Предвидено е премиерот Ковачевски да има обраќање на сесијата на тема „Адресирање на нееднаквостите и забрзување на Одржливите развојни цели”, се наведува во соопштението на Владата.

Во рамки на Парискиот мировен форум, премиерот Ковачевски, придружуван од сопругата Елена Ковачевска, ќе присуствува на вечера организирана од францускиот претседател Емануел Макрон и сопругата Брижит Макрон, во чест на шефовите на држави и влади кои учествуваат на Форумот.

Read Previous

Лекови за канцер, МС, кардиоваскуларни болести и хемофилија се меѓу 25-те апликации за ставање на позитивна листа

Read Next

Водич за аплицирање на Конкурсот за доделување на месечни надоместоци на самостојните уметници за 2024 година објавен од Министерството за култура