ноември 22, 2024

Солидарен данок не платиле 52 обврзници, ќе им бидат блокирани сметките на 24 ноември

Заклучно со денеска се уплатени 2.210.108.927 денари по основ на солидарен данок  од страна на 98 даночни обврзници од вкупно 150. Тие што не платиле ќе добијат писмена опомена на 6 ноември, а доколку во меѓувреме не ја исполнат обврската ќе им биде блокирана сметката на 24 ноември.

Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска денеска во одговор на новинарско прашање информираше дека вкупната уплатена сума е 2.210.108.927 денари. Најнискиот износ  што е уплатен по тој основ е 39.342 денари, а највисокиот 257.293.088 денари. Само еден даночен обврзник направил пребивање со поврат на ДДВ во износ од 42.259.181 денар.

-Бидејќи рокот беше до 25  октомври, за сите кои немаат направено плаќање на данокот на солидарност ќе се преземат мерки согласно со Законот за даночна постапка. На 6 ноември веќе ќе ги доставиме опомените, доколку и по тоа немаат направено уплата на 24 ноември, веќе ќе пристапиме кон блокирање на нивните сметки, најави Лукаревска.

Даночните обврзници што ги опфаќа Законот за данок на солидарност се известени дека важат сите одредби, односно правила од Законот за даночна постапка дека може да ја направат уплатата на три рати заклучно со крајот на годинава, или пак за еднократно одложување на долгот до крајот на декември, со банкарска гаранција или со движен или недвижен имот со којшто УЈП  би ставила соодветен залог.

-Постојано сме во контакт со сите компании за сите нивни прашања и дилеми, рече Лукаревска, која на прес-конференција ги соопшти највисоките приходи во 2022 година.

Законот за данок на солидарност беше донесен на 19 септември годинава, а собраните средства, според најавите од Владата, ќе бидат наменети за антикризни мерки и ќе одат кај најранливите категории на граѓани.

Стопанската комора на Северна Македонија на 13 октомври поднесе Иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за данок за солидарност пред Уставниот суд, со предлог за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени врз основа на оспорениот Закон, до донесување на конечната одлука. Лукаревска вели дека ќе постапуваат во однос на средствата што во меѓувреме ги уплаќаат обврзниците во зависност од известувањето од Уставниот суд за одлуката што ќе се донесе.

Read Previous

Во земјава 100 проценти од средношколци учат странски јазик, но тоа не е гаранција дека ќе знаат да го зборуваат

Read Next

Осма „Златна топка“ за Меси, најдобра фудбалерка Бонмати