ноември 25, 2024

Под мотото „Писмото е нашиот универзум“ во Охрид ќе биде одбележан Денот на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј

Под мотото „Писмото е нашиот универзум“, Владата на Република Северна Македонија организира дводневно свечено одбележување на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј.

– Свеченото одбележување на празникот започнува денеска, во Охрид – колевката на словенската писменост. Оддаваме должна почит на непроценливата просветителска мисија на Светите Кирил и Методиј, со која ги поставија основите на сесловенската писменост и која е инспирација сите следни генерации. Нивното дело живее и денес. Македонскиот стандарден јазик, нашиот официјален јазик, денес е целосно заштитен, признат и е рамноправно прифатен меѓу официјалните јазици и во ОН и во Европската Унија и како таков тој е признат и почитуван во светот, на што сме особено горди. Денес, како резултат на тешките, но храбри одлуки кои ги донесовме, вратите се ширум отворени и за активна промоција, но и за развој на македонскиот јазик и култура, наведува премиерот Димитар Ковачевски во објава на фејсбук .

Во рамки на програмата, вечер со почеток во 20 часот ќе биде одржан концерт на гудачкиот ансамбл „Антео“ во црквата Св. Софија во Охрид. За утре во хотел „Инекс Олгица“ е предвидена панел дискусија „Македонскиот јазик во словенскиот свет” на која воведен збор ќе има премиерот Ковачевски, по што ќе биде положено цвеќе пред споменикот на светите Кирил и Методиј на плоштадот во Охрид.

Централната свеченост по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, е утре напладне на Плаошник.

Read Previous

МОН: Сите ученици навреме ќе ги добијат свидетелствата за учебната 2022-2023 година

Read Next

Пендаровски – Де Кро: Белгија ја поддржува евроинтеграцијата на Северна Македонија и политиката на проширување на ЕУ