ноември 24, 2024

Пописот на населението во Албанија почнува на 18 септември, ќе чини 16,8 милиони евра

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Албанија ќе почне на 18 септември и ќе трае шест седмици, соопшти државниот институт за статистика, ИНСТАТ.

Во однос на трошоците за пописот, ИНСТАТ пресметува дека ќе бидат потрошени 16,8 милиони евра, при што трошокот по жител е блиску до просекот на европските земји.

– Спроведувањето на пописот на населението, домаќинствата и становите е поддржано од државниот буџет и разни донатори. Вкупната цена на овој процес се проценува на 16,9 милиони евра. Тоа претставува просечни 5,7 евра по жител, што одговара на просекот на европските земји кои спроведуваат традиционален попис. Над 50 отсто од трошоците се за лицата ангажирани на терен, проценува ИНСТАТ.

Во однос на успешноста на овој процес, Институтот нагласува дека постои „потреба од свеста на граѓаните кои треба да бидат активни во учеството во оваа значајна статистичка операција”, најавувајќи комуникациска стратегија за зголемување на информираноста.

– Успешноста на пописот зависи од позитивниот пристап и учество на населението во него. Затоа, во текот на 2023 година, посебно внимание ќе се посвети на спроведувањето и следењето на комуникациската стратегија, чии основни елементи се комуникација со заинтересираните страни и со јавноста воопшто. Кампањата вклучува употреба на сите медиумски инструменти, канали за емитување и други комуникациски техники, подвлекува ИНСТАТ.

Додава дека комуникациската кампања ќе го промовира пописот преку информирање на јавноста за неговата цел, како и ќе помогне да се зајакне кредибилитетот на податоците и институциите одговорни за неговите резултати.

Во пописот ќе бидат ангажирани вкупно 8.000 попишувачи, околу 1.200 контролори и 6.000 геодети. Изјаснувањето за етничка и верска припадност и јазик ќе биде на доброволна основа.

Последниот попис во земјата беше спроведен во 2011 година. Планираниот за 2021 беше одложен поради пандемијата со Ковид-19, а минатата година бидејќи „не биле обезбедени неопходните алатки за собирање информации на терен”.

Read Previous

Груби: Ако се проневери еден денар од проектот за изградба на Коридорите 8 и 10д на Бехтел и Енка да скапеме во доживотен затвор

Read Next

АХВ продолжува со циклусот обуки за стекнување знаења за безбедноста на храната во градинките