Стравот и неизвесноста се секојдневие на внатрешно раселените лица после конфликтот во 2008 година. Сега прибежиште и нивен дом се импровизираните населби со идентични куќи.
Претседавачот со ОБСЕ Бујар Османи денеска беше во посета на Тсеровани. Поединци, мешани семејства, секој од нив со своја приказна зошто ги напуштиле своите домови.
Различни судбини, животите им се смениле само за неколку дена во време на конфликтот. Османи понуди поддршка за подобрување на нивниот секојдневен живот.
„Ве уверувам дека јас како претседавач со ОБСЕ, заедно со нашите партнери, ќе направиме сè што е во нашата моќ за да ја подобриме состојбата на сите раселени и маргинализирани лица како и на семејствата на исчезнатите“, рече Претседавачот Османи.
Тсеровани се наоѓа недалеку од Тбилиси и претставува една од најголемите населби формирани од страна на грузиските власти за згрижување на внатрешно раселените лица кои биле принудени да ги напуштат своите домови по конфликтот во 2008.