Синдикатот на Македонска пошта бара итна средба со Министерството за транспорт и врски и Владата за состојбите во претпријатието кое, како што велат, е во тешка финансиска ситуација, се соочува со загуби во работењето и ризици за редовна исплата на платата.
Доколку во рок од пет дена не се одржи средба, синдикалното раководство најави дека ќе ги преземе сите законски мерки и механизми за заштита на правата на работниците со организација на протести и штрајкови. Повторно апелира генералниот директор на Пошта да го стопира огласот за 31 ново вработување во администрацијата на претпријатието, што сметаат дека е економски неиздржано и во постојните финансискси услови.
Стравуваме како вработени за натамошната иднина на друштвото, како и редовната исплата на плата за наредниот период со оглед на фактот дека платата за јануари ја земавме на 17-ти месецов по истекот на законскиот рок. И покрај тоа што Македонска пошта се соочува со сериозни проблеми со целокупното работење генералниот директор распиша оглас за нови 31 вработување во администрцијата. Тие вработувања во оваа ситуација се непотребни со оглед на фактот дека во тој дел имаме превработеност, а тоа може да се направи со прераспоредување на работни места со цел поголема продуктивност и подобри услуги кон граѓаните, рече на прес-конференција Велигденов, посочувајќи дека нови вработувања се потребни во технолошкиот процес, односно на поштари, шалтерски и работници во оператива, каде немаат доволно кадар.
Според Велигденов, не е преземено ништо за спроведување на трипартитниот меморандум за соработка потпишан протестот во октомври лани, што го организираше Синдикатит. Тогаш со раководството и Владата беа договорени активности за внатрешни реформи, со нова систематизација и реорганизација на работењето особено во делот на обезбедување услови и средства за работа, како и потпишување колективен договор.
Со договорот по протестот во октомври лани, што следуваше по неисплатената плата за септември, е предвидено платите да се исплаќаат во законски предвидениот рок, до 15-ти во месецот. Исто така со одлука на Владата државните институции добија задолжение да ги користат услугите на АД „Пошти“, како и дека ќе почне процес на реорганизација, рационализација и оптимизација на работењето претпријатието, што ќе трае до 31 декември 2022 година и ќе се следи од Владата.
Националната Пошта има ексклузивно право да обезбедува резервирани поштенски услуги до 31 декември година, откако со законски измени повторно и беше вратена монополската позиција во тој сегмент од пазарот.
Од почетокот на месецов се во сила нови цени за осум поштенски услуги на државното претпријатие. Зголемување на цените има за стандардизирано и за нестандардизирано писмо до 50 грама за што наместо 25 денари ќе се плаќа 36 денари, за стандардизирана картичка до 50 грама – 16 денари, за нестандардизирано писмо oд 50 до 100 грама – 48 денари, а за нестандардизирано писмо од 100 до 250 грама – 60 денари. Пониски се цените за гломазно писмо над 250 до 500 грама (80 денари), за гломазно писмо од 500 до 1.000 грама (128 денари), како и за гломазно писмо над 1.000 до 2.000 грама (176 денари), се наведува во решението од Агенцијата за пошти.
извор: ВЕЧЕР