Косовската полиција соопшти дека во денешната „кампања против производство и трговија со наркотици во северниот дел на Косовска Митровица“, открила три лаборатории и уапсила двајца осомничени од српска националност.
Дел од акцијата била спроведена во северниот дел на Косовска Митровица, населен од Срби, односно во објектот кој се наоѓа веднаш зад зградата на Основниот суд, пренесе „Нова.рс“.
„Косовската полиција, поточно Дирекцијата за истраги за трговија со дрога во екот на борбата за спречување и сузбивање на случаи на злоупотреба на дрога, по интензивните истраги, денеска, на 12.02.2023 година во регионот на северна Митровица спроведува кампања за борба против дрогата, со поддршка на други релевантни единици на полицијата“, се вели во соопштението на албански јазик.
Косовскиот министер за внатрешни работи, Џељаљ Свечља, на социјалните мрежи напиша дека косовската полиција во северна Митровица уништила лаборатории за дрога.
„Ко-сопственик на еден од нив е Д.С., кој минатиот месец нападна косовски полицајци. Тој е дел од бандите кои примаат наредби од организираниот криминал во Србија. Тие се поддржани и заштитени од Вучиќ и Петковиќ“, напиша Свечља.