ноември 23, 2024

Бесими потпиша, па го поништи решението за зголемување на платите, штрајк на вработените

Стотина вработени во Министерството за финансии денеска излегоа пред зградата на Министерството за финансии откако министерот Фатмир Бесими реши да си го поништи решението за зголемување на јануарските плати за 30 отсто. Вработените брзо потоа се вратија на своите работни места.

Од Синдикатот на УПОЗ велат дека министерот за финансии направил кривично дели и го прекршил законот кој го бранеше пред неколку дена. „Спротивно на сите правни норми, решил да ги повлече сите решенија кои вработените веќе ги добиле, а се однесуваа на зголемување на платата за 30 отсто. Дали поради самоволието на министерот за финансии ќе доцни исплатата на платите во јавниот сектор“, се прашуваат од УПОЗ,.

Одлуката на Бесими да ги зголеми платите само во неговото министерство претходно предизвика револт во останатите државни институции.

Владата денеска соопшти дека го утврди и текстот на предлогот на законот за изменување на Законот за буџети. „Предложените законски измени се во насока на бришење на одредбата за зголемување на платите на вработените во Министерството за финансии за 30 проценти поради, како што е објаснето од страна на Министерството за финансии, неколку причини. Тоа се: неможност од утврдување на специфичноста на работните задачи и посебната одговорност којашто произлегува  од работното место, со цел допрецизирање на законот за буџети и имајќи предвид дека Законот за системот на плати во јавниот сектор е во постапка на донесување“, се вели во соопштението по денешната владина седница.

Минатата недела Бесими велеше дека вработените во Министерството за финансии земале најниски плати и токму поради тоа голем број си давале откази, а тој стравувал дека институцијата ќе остане без вработени. Тоа било образложението зошто ја донел одлуката да ги зголеми платите за 30 отсто од јануари.

Но, очигледно е дека зголемување на јануарската плата во Министерството за финансии нема да се случи.

Read Previous

Самитот на Украина и ЕУ ќе се одржи в петок во Киев, потврди украинскиот премиер

Read Next

Полициско обезбедување околу црквата „Свети Спас“ во пресрет на чествувањето за Гоце Делчев