Во главниот град се сечат дрвја стари неколку децении. На официјалниот Фејсбук профил граѓанската иницијатива Зелен хуман град објави фотографии и обвинува дека на улица „Венјамин Мачуковски“ инвеститорот „Елена Лука“ ќе гради нова зграда и се сечат дрвја кои се важни за здража животна средина. Според објавата, Град Скопје немал издадено дозвола за сеча на дрвата, а доколку инвеститорот треба да се казни, сумата би била околу 1.800 евра што, како што велат од Зелен хуман град, за нив е смешна сума која не ги спречува да го кршат законот.
„Поплаки од граѓани ЗХГ доби пред 2 недели за оваа локација која се загради од страна на инвеститор Елена Лука, за градење нова зграда. Град Скопје ни потрди дека нема издадено дозвола за интервенција врз децениското зеленило на парцелата и истото не смее да се сече / пресадува / кастри во ниеден случај. Испектор од градот беше на терен и ја констатираа состојбата. Ова утро, инвеститорот започнал со масакр на дрвјата и другото зеленило на парцелата, иако нема дозвола за истото од Градот. Децениски стари дрвја што имаат непроценлива вредност за животната средина, уништени за нова зграда да никне на нивно место. ЗХГ повторно реагираше кај надлежниот инспекторат што сега е на терен, и известени сме дека Елена Лука ќе бидат казнети според Закон за урбано зеленило. За жал, законот предвидува максимална казна од 1.800 ЕУР, без разлика на бројот на исечени дрвја, што е смешна сума за секој инвеститор и воопшто не ги обесхрабрува да го прекршат истиот тој закон“, се вели во објавата на социјалните мрежи.
Само со притисок од локалното население може да се спасат останатите дрвја на парцелата што уште не се уништени од инвеститорот, порачуваат од граѓанската иницијатива од каде ги повикаа жителите на Аеродром да не дозволуваат профитот на една фирма да им го одземе правото на чист воздух, термална заштита и здрава животна средина.