Град Скопје може и без приватни превозници, го организираме јавниот превоз, правиме реформа, а ќе влеземе во процедура и за набавка на нови еколошки автобуси, нешто што е поддржано и од Советот на Град Скопје за следната година, вели градоначалничката
Градоначалничката Данела Арсовска е сигурна дека Град Скопје може да функционира без приватни автобуски превозници.
Таа пред новинарите уште еднаш повтори дека во Градот се планира реформа на јавниот превоз, а најави и постапка за набавка на нови автобуси.
„Град Скопје може и без приватни превозници, го организираме јавниот превоз, правиме реформа, а ќе влеземе во процедура и за набавка на нови еколошки автобуси, нешто што е поддржано и од Советот на Град Скопје за следната година“,
додаде Арсовска.
Таа денеска нагласи дека Град Скопје објавил јавен повик на кој сите домашни правни лица што се превозници можеле да се пријават.
„Доколку не се пријавиле, тоа многу кажува што се однесува до овој повик. Со самото тоа што беа повикани да се јават на огласот како превозници домашните правни лица и да си ја работат оваа работа доколку ја сакаат чесно, а никој не се пријавил тоа кажува многу“,
рече Арсовска на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.
Во однос на долгот што Град Скопје го има кон приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, а поради кој во ноември и декември минатата година имаше и протести и блокади на градот, Арсовска денеска рече дека Градот Скопје нема никаков долг.
„Град Скопје нема никаков долг. Град Скопје издава дозвола за вршење јавен превоз. Овие лица го прекршија тој договор. Доколку сакале да работат чесно, имаа можност да се пријават“,
рече Арсовска.
извор: 360