Во Западен Балкан се предвидува раст од 2,5 проценти во 2023 година, наспроти првично проектираниот од 3,1 проценти
Светска банка предвидува раст на македонската економија од 2,4 проценти во 2023 година, што е намалување за 0,7 отсто на проекциите објавени во јуни минатата година.
Оваа проекција објавена во најновиот Извештај за глобалните економски перспективи, е помала од прогнозите на Владата која очекува годинава економијата да забележи раст од 2,9 отсто.
Во извештајот Светска банка ги коригира проекциите и за македонскиот БДП за 2024 година за кој се прогнозира дека ќе изнесува 2,7, што е за 0,5 процентни поени помалку од прогнозите издадени во јули лани.
Анализите на СБ покажуваат дека Северна Македонија ја заврши 2022 година со раст од 2,1 процент.
Раст на економијата на Западен Балкан за 2,5 отсто: Какви се проекциите за земјите поединечно
Како што стои во извештајот на Светска банка, во Западен Балкан се предвидува раст од 2,5 проценти во 2023 година, наспроти првично проектираниот од 3,1 проценти.
Кога станува збор поединечно за државите од регионот, пак, се проектира раст од 2,2 проценти во Албанија, од 2,3 проценти во Србија, а поголем во Босна и Херцеговина од 2,5, во Црна Гора од 3,4 проценти и во Косово од 3,7 проценти.
Од земјите од регионот кои се дел од ЕУ, пак, во Хрватска се проектира раст од 0,8, а во Бугарија од 1,7 процентни поени.
Светска банка во извештајот посочува дека реформите за пристапувањето во ЕУ и инвестициите ги ублажуваат негативните ефекти од високите цени на енергијата и храната, како и нарушувањата на трговските и инвестициските текови и прелевањата од забавувањето во еврозоната.
Сепак, се посочува дека постои значителна политичка несигурност од парламентарни стопирања што би овозможиле доцнење во спроведувањето на реформите и со тоа спречување на ефикасна апсорпција на поврзаните средства за Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија.