November 14, 2026

Зимата пристигна во Хрватска – падна првиот снег, на планините се очекуваат до 30 сантиметри

Силно заладување ја зафати Хрватска, а во планинските делови веќе падна првиот снег. Снежните врнежи започнаа во петокот попладне, а според метеоролошките најави, во одредени подрачја се очекува снежната покривка да достигне и до 30 сантиметри.

Снегот ги побеле автопатот А6 и околните подрачја кај Равна Гора, Делнице и Врбовско, каде што сообраќајните камери забележаа зимски услови на патиштата.

Според хрватскиот метеоролошки портал „Истрамет“, во текот на попладневните и вечерните часови во планинските предели се очекуваат поинтензивни врнежи од влажен снег, кои на одредени места би можеле да формираат снежна покривка до 30 сантиметри.

Државниот хидрометеоролошки завод на Хрватска предупреди на нагло влошување на временските услови, проследено со дожд, грмежи и силен ветер. Во повисоките планински предели дождот постепено преминува во лапавица и снег, додека долж јадранското крајбрежје се очекува силна, а на места и бурна бура.

Температурите се во опаѓање и во внатрешноста на земјата се движат меѓу 5 и 10 степени, додека на Јадранот се повисоки, од 14 до 21 степен.

Снежните врнежи се очекува постепено да ослабнат до крајот на денот, но силниот ветер ќе продолжи да создава проблеми, особено во подрачјето на Велебит, каде што се најавени и оркански удари на бура.

За сабота метеоролозите прогнозираат претежно сончево, но постудено време, со можност за утринска магла во континенталните делови.

Минималните температури ќе се движат од нула до пет степени, а на Јадранот од 7 до 12 степени. Највисоките дневни температури во внатрешноста ќе достигнат од 6 до 11 степени, додека долж крајбрежјето се очекуваат од 13 до 17 степени.

Поради наглото заладување и силниот ветер, хрватските метеоролошки служби издадоа предупредувања за петок и сабота.

На социјалните мрежи веќе се споделуваат снимки од снежните врнежи, меѓу кои и видео од воз што минува низ завеаните предели меѓу Фужине и Локве.

Read Previous

Од утре задолжителна зимска опрема за сите возила