На собраниската Комисија за надворешна политика денеска едногласно беше поддржана потребната за донесување на законот за ратификација на Договорот за ФРОНТЕКС склучен меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија.
Пред членовите на Комисијата министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски појасни дека подготовките за овој закон биле започнати уште во декември 2015 година, но поради противењето на Бугарија во однос на формулацијата за јазикот беше одложено неговото официјално потпишување. Договорот конечно беше потпишан на 26 октомври 2022 година во Скопје.
– Додека да се операционализира Договорот од ФРОНТЕКС веќе ги добивме писмата и продолжува билатералната акција која ја имаме со неколку држави од ЕУ и од регионот за обезбедување на нашата јужна граница каде имаме некаде околу 160 полициски службеници од држави земји членки и од регионот, а од регионот е Србија. Така што ова ќе биде еден преоден период во којшто ќе можеме сите подготовки коишто се оперативни да ги завршиме и конечно да се започне со имплементацијата на Договорот, рече Спасовски.
На прашањето од претседателот на Комисијата Антонио Милошоски за тоа дали постојните билатерални ангажмани на полициски службеници и безбедносни сили од ЕУ-членки кои се ангажирани на јужната граница ќе бидат заменети со тимови на ФРОНТЕКС, Спасовски рече дека Договорот склучен со ФРОНТЕКС не ги исклучува овие билатерални договори, туку, вели, започнале и процес на склучување анекси на постојните договори со цел да се доуредат одредени прашања.
Министерот за внатрешн работи додаде и дека до крајот на 2023 година се обезбедени финансиски средства и полициски службеници кои ќе учествуваат во овие билатерални акции и врз основа на потребите ќе се цени бројот на полициски службеници којшто ќе биде ангажиран на основа на оперативниот план на ФРОНТЕКС по што ќе се знае дали би продолжиле и дел од билатералните акции.
Пратеничката од НСДП Соња Мираковска меѓу другото потенцира дека Договорот за ФРОНТЕКС е потпишан и составен на 25 јазици меѓу кои и на македонскиот јазик со што, според неа, уште еднаш се потврдува дека македонскиот е дел од европските јазици. – Со тоа стравовите кои се наметнуваа на граѓаните се непотребни. Ние ќе го сочуваме нашиот јазик и идентитет. Ова е првиот пример за тоа и тоа претставува успех, рече Мираковска.
Договорот со ФРОНТЕКС ќе овозможи подобра заштита на границите, брзо распоредување персонал и опрема на ФРОНТЕКС или на странски полициски службеници на критични точки на границите при ненадејно брзо влошување на состојбите, а се овозможува и сигурна размена на информации и податоци, односно оперативни сознанија, разузнавачки податоци, продукти од видео и воздушен надзор и сателитски снимки и слично за спречување на прекуграничен криминал и илегална миграција.
Предлог-законот за ратификација на Договорот со европската Агенција за гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС) покрај на матичната Комисија за надворешна политика, беше одобрен и од Законодавно-правната комисија. Законскиот предлог за ратификација на Договорот за ФРОНТКС е ставен на дневен ред на денешната пленарна собраниска седница.