February 28, 2026

МНР со итен апел до македонските државјани кои се наоѓаат во Израел

Во врска со последните информации за влошената безбедносна состојба во Израел, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава внимателно да ги следат официјалните национални портали за итни случаи и строго да постапуваат во согласност со упатствата на надлежните институции.

– Истовремено, апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба.
Согласно информациите добиени од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, воздушниот простор над Израел е затворен за цивилни летови до понатамошно известување. Сите комерцијални влезни и излезни летови се суспендирани, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај, се соопштува утрово на фејсбук-страницата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

– Министерството преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој, наведува Министерството.

По влошувањето на безбедносната состојба во Израел и регионот, важно известување на својата фејсбук-страница утрово објави и Амбасадата на Северна во Израел, која ги повикува македонските граѓани кои во моментов се во Израел строго да ги следат упатствата издадени од Командата на израелскиот домашен фронт.

– На граѓаните им се препорачува: Да останат во или во близина на заштитен простор (засолниште, безбедна соба или друга одобрена заштитена зона); да се ​​осигураат дека го знаат најблискиот заштитен простор; да ги чуваат основните залихи лесно достапни, вклучувајќи вода, храна, лекови, комплет за прва помош, фенерче, полнети мобилни телефони, да ги следат официјалните ажурирања и известувањата во реално време преку веб-страницата на Командата на домашен фронт (https://www.oref.org.il/eng), мобилната апликација и локалните медиуми. Веднаш да влезат во заштитените простори по добивањето известување и да останат таму додека официјалните упатства не покажат дека е безбедно да се напушти. За граѓаните кои планираат да патуваат до/да го напуштат Израел, летовите моментално се откажани до понатамошно известување. Препорачуваме внимателно да ги следите ажурирањата од авиокомпаниите и надлежните органи, се наведува во апелот од нашата амбасада во Тел Авив.

За каква било помош или итни прашања, достапни се броевите на Амбасадата: +972 54 500 8566 и  +972 54 967 0546

– Амбасадата продолжува внимателно да ја следи ситуацијата и ќе обезбеди дополнителни информации доколку е потребно, се наведува во известувањето. 

Read Previous

Израел и САД го нападнаа Иран

Read Next

На Попова Шапка има снежна покривка од 83 сантиметри