Денеска во судир на воз и такси-возило – комбе беа повредени 12 лица, од кои две дена на три и петгодишна возраст
Градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски, бара од „Македонски железници“ да постават соодветна хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација кај велешката фабрика „Порцеланка“ каде се пресекуваат пругата и регионалниот пат од Велес кон Чашка.
Таму денеска се случи уште една сообраќајка во која се судија воз и такси-возило – комбе, а 12 патници беа повредени.
„Јас веќе контактирав со надлежните од ’Македонски железници‘ и побарав тие да излезат на терен и колку се во можност поскоро да го обезбедат овој премин на пругата со сообраќајна сигнализација и вертикална и хоризонтална“,
рече Стојановски пренесува МИА.
Преминот на железничката пруга, посочува тој, е на регионален пат кој води од Велес кон сите населени места во Општина Чашка и секојдневно таму поминуваат голем број граѓани.
Градоначалникот изјавите ги даде од местото на несреќата, каде новинарската екипа на МИА го затекнала откако тој дошол по добивањето на информацијата за денешната сообраќајка.
„Бев во велешката болница во Велес и ги посетив повредените 10 возрасни и две деца на три и петгодишна возраст. Од првичните информации од лекарите кои ги прегледаа бев информиран дека се работи за полесни повреди. Среќа во несреќа е што не заврши со трагични последици. На повредените им посакувам брзо заздравување и побрзо да бидат со своите семејства“,
рече Стојановски.
Дека нема сериозни повреди и патниците се надвор од животна опасност попладнево информираа и од велешката болница.
Надвор од животна опасност се 12-те лица повредени во несреќата кога воз удри во комбе кај Велес