ноември 22, 2024

Спогодби, затворски туризам, поништени пресуди – празна година во правосудството

Правосудниот сектор минатата година требаше да ги „ужива“ плодовите од Стратегијата и акцискиот план за реформи во периодот 2017-2022 година. Од новата методологија и законските решенија за оценка, избор и разрешување на судиите и јавните обвинители се очекуваше да надминат некои претходни недостатоци и пречки, клучни за поефикасно правосудство. Овој момент, дека законите се донесени и сега треба нивна примена, беше препознаен и во Извештајот на Европската комисија. Но, сепак во јавноста за правосудството во изминатите 12 месеци повеќе се зборуваше за контрасти, укинати пресуди вратени на повторно одлучување, спогодби со милионски износи, „затворски туризам“, како и судски вештачења и супeрвештачења, избори и анкети.

Додека веќе се работи на нова Стратегија за реформи во правосудниот систем 2023-2027 година, во продолжение следи краток преглед што се јавноста можеше да чуе во изминатата 2022 година на полето на правосудството и правораздавањето.

Признанија на вина, спогодби и „затворски туризам“

Јавноста во 2022 година слушна дека додека Охрид е најпознато туристичко летувалиште во земјава, Затворот во Струга е синоним за „затворски туризам“. Главни актери во ова беа бизнисменот Јордан Камчев и екс директорот на УБК Сашо Мијалков, кои од притвор, па куќен притвор во Скопје стигнаа до отворено одделение на Затворот Струга.

Бизнисменот Јордан Камчев, на 5 јануари минатата година излезе од притвор, каде беше од март 2021 година како обвинет во случајот „Плацови на Водно“, откако Судот ја прифати гаранцијата од скоро 11 милиони евра.

Камчев во април лани за случајот „Плацови на Водно“ беше осуден на една година затвор, додека за случајот „Империја“ призна вина и се спогоди на една година затвор и да плати 5,2 милиони евра.

Во меѓувреме Камчев ја менува својата адреса на живеење од Скопје во Охрид со што надлежен за издржување на санкцијата стана охридскиот суд кој му издаде упатен акт за КПД Струга, кој е од отворен тип.

За случајот „Плацови на Водно“ поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, на 21 април лани доби една година и три месеци затворска казна, под обвинение за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело”, каде првообвинетиот поранешниот премиер Никола Груевски, обвинет за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот, Судот во отсуство му изрече седумгодишна казна затвор.

Во јули, Мијалков ја призна вината за случајот „Империја“ и се согласи на три години затворска казна. Исто така, Мијалков се согласил да биде конфискуван неговиот имот во вредност од околу 30 милиони евра.

Во август и Мијалков се пријавува во затворот во Струга за отслужување на тригодишната затворска казна за случајот „Империја“, откако ја сменил адресата на живеење од Скопје во Охрид.

По ваквите случувања и по низата реакции во јавноста, министерот за правда Никола Тупанчевски, порача дека Министерството ќе предложи во иднина издржувањето на затворската казна на осудените лица да се врзе со нивното место на живеење во последните две години.

– Испадна дека Струга е градот на затворски туризам. Се работи нели за затвор од отворен тип и се разбира дека и во однос на безбедноста и условите за издржување на казната се попривилегирачки или подобри во однос на другите казнено поправни установи во нашата држава, изјави Тупанчески во јуни минатата година.

Затворот во Струга е од отворен тип, односно осуденикот може да излегува во текот на денот, а таму само да преноќува.

Ваквиот „затворски туризам“ не престана да прави проблеми на судскиот систем, па Мијалков не беше спроведен од Затворот Струга на 23 декември на рочиште за повторената постапка за случајот „Титаник 2“ во Основниот кривичен суд Скопје.

Доверба во судството, повеќе на зборови, отколку на дело

Министер за правда Никола Тупанчески, кој на функцијата дојде на почетокот на минатата година, во мај рече дека перцепцијата за правосудството ќе се подобри ако за тешки кривични дела има пропорционални пресуди.

Во таа насока, порача тој, ги охрабруваме судовите, обвинителствата и сите други институции што правораздаваат да бидат на нивото на задачата во смисла на тоа дека навистина веќе е зрело време во Република Северна Македонија да покажеме и на дело како треба да изгледа подобрувањето или квалитетот на правораздавањето.

На 30 септември лани Тупанчевски повторно ги коментираше состојбите во судството, оценувајќи дека „се поместуваат во позитивна смисла“.

– Состојбите во судството, можеби бавно, но се поместуваат во позитивна смисла. Сведоци сме дека постои одговорност кај судиите и кај јавните обвинители, а регулаторните тела, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители покажуваат реактивирање или реализација на нивната надлежност, изјави министерот за правда Тупанчевски.

Но, кон крајот на годината ИРИ објави нова анкета според која граѓаните во судството имаат доверба од четири проценти и три проценти во јавното обвинителство. Тоа правосудството го става во друштво на политичките партии на дното според довербата на граѓаните во институциите и ги „разбранува“ судско-обвинителските редови, но како никој да не се „пронајде“ во генералната оценка, па изостана конкретен одговор за тоа што, секој во рамките на своите надлежност, може и ќе направи за подобрување на таквата состојба.

Кон крајот на годината во земјата беше и американски тим за санкции, во функција на скенирање на состојбите во судството и да соберат информации врз основа на кои се формира листата на ентитети под санкции.

Тимот за санкции од Вашингтон кој пристигна на почетокот на декември во земјава, според објавите на американската амбасадорка Анџела Агелер, имаше за цел „поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни одговори“, со оценка дека на правосудниот сектор во земјава му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот.

Поради суштествени повреди во постапките, Апелација ги „рестартира“ случаите на СЈО

Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, во Поглавјето 23 вели дека Северна Македонија продолжи да бележи напредок во истрагата, гонењето и судењето на случаите на корупција, вклучително и за случаите на корупција на високо ниво.

– Случаите на поранешното Специјално обвинителство (СЈО) продолжи да ги суди главно Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција. Досега има правосилни пресуди во седум предмети за 17 обвинети. Судењата се во тек за повеќето преостанати случаи. Во 11 случаи се изречени првостепени пресуди. Судовите изрекоа првостепени пресуди, вклучително и против истакнати поранешни владини функционери како што се поранешниот премиер, поранешниот министер за транспорт, поранешниот министер за внатрешни работи и поранешниот директор на Бирото за безбедност и контраразузнавање (УБК). Тројца од прогласените за виновни и понатаму се во бегство, се посочува во Извештајот на ЕК во делот на досието што досега е направено.

Но, Апелација „му донесе среќа“ на Мијалков минатата годинава. Поради, како што наведоа, суштествени повреди во постапката, апелационите судии ги укинаа првостепените пресуди, прво во ноември за „Трезор“, а потоа во декември и за „Таргет-Тврдина“.

Апелациониот суд Скопје, во декември минатата година  ги уважи жалбите на обвинетите за случајот „Таргет-Тврдина“, и ја укина првостепената пресуда, а предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување.

Во образложението на Апелациониот суд стои дека при разгледување на пресудата констатирал дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер.

За случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува за масовното прислушување,  Основниот кривичен суд Скопје на 26 февруари 2021 година изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица. На поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков судот му изрече казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.

Главниот предмет „Таргет-Тврдина“, кој се однесува за незаконското прислушување започна на 22.12.2017 година против 11 лица. Во текот на постапката беа одржани 53 рочишта, на кои се сослушани 123 сведоци, изведени 887 материјални докази и пет вештачења. Сослушани беа и голем дел од над 200 оштетени лица. Првостепената пресуда Кривичниот суд ја објави на 26 февруари 2021 година, по нешто повеќе од три години. Ова тивко ја подотвора вратата за 107-ца од Кривичниот законик за застарување на делото за Мијалков, а тоа е 2025 година.

Додека во фокусот на меѓународните извештаи се случаите отворени од поранешното СЈО, за домашната јавноста поголема енигма е „немоќта“ да се дојде до судска разрешница повеќе од четири години за автобуската несреќа во селото Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени.

Судскиот процес за несреќата започна во септември 2019 година, а на 27 декември конечно пристигна вештиот наод од Бирото за вештачење и судењето продолжува на 24 јануари оваа година со формално отпочнување од почеток, заради проток на подолг временски период, по што ќе започне со сослушување на вештите лица кои го изготвиле наодот.

Супервештачењето кое Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, а Техничкиот факултет во Битола, своевремено, дополнително извести и дека го вратиле предметот бидејќи нивните лиценцирани вештаци за машинство се стручни само за енергетика и не можат да вештачат моторни возила. Од Кривичен, потоа, информираа дека контактирале со Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје, од каде што биле известени дека тие немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила, кои не учествувале во претходните вештачења. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења, кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење.

Изборот на нов шеф на ОЈО ГОКК, прв по новиот реформски закон, предизвика реакции во јавноста

Јавните обвинители лани првпат сами со гласање избраа нов шеф на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција. Од четворицата кандидати, најмногу, 66 гласа од вкупно 163 јавни обвинители доби Ислам Абази. Изборот, иако плод на реформскиот Закон за јавно обвинители донесен со двотретинско мнозинство, не помина без реакции.

Изборот на Абази изненади многумина од меѓународната и домашната сцена.

Блупринт групата за реформи во правосудството изрази став за недоволната транспарентност и направените пропусти при изборот на Основен јавен обвинител на ОЈО-ГОКК, кој што беше спроведен на 7 ноември 2022 година.

Прв пат изборот, како што е наведено во соопштението од Блупринт групата за реформи во правосудството, на основен јавен обвинител на ОЈО-ГОКК се врши од страна на сите јавни обвинители во државата, а Советот на јавните обвинители на РСМ има надлежност само да го констатира изборот согласно волјата на јавните обвинители (согласно Законот за јавното обвинителство донесен во 2020 година и измените на Законот за Советот на јавните обвинители од 2020 година).

Амбасадорката на САД земјава, Анџела Агелер, изборот на Абази, пак го оцени како збунувачки.

-Ние, во Амбасадата на САД, секако дека резултатите ги сметаме за збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем. Граѓаните заслужуваат независен правосуден сектор во кој позициите се пополнуваат по заслуга и квалитет, низ транспарентни процеси, без разлика дали се во обвинителство, судство или која било друга јавна институција. Политичкото мешање нема место во овие постапки. Оние што би се вмешале преку вршење притисок, закани или коруптивни зделки на „мала врата“ треба да бидат повикани на одговорност од граѓаните“, истакна Агелер.

Премиерот Димитар Ковачевски, се согласи со американската амбасадорка, нагласувајќи дека според него начинот на изборот на Абази покажува дека се потребни дополнителни реформи во правосудството.

Пред изборите за шеф на ОЈО-ГОКК јавноста во август лани беше сведок на интересна „пресметка“ меѓу тогашната шефица на ова Обвинителство Вилма Русковска и в.д. Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, која започна со претрес во Финансиската полиција, а заврши со дисциплинска, суспензија и кривична против Русковска. На изборите за шеф на ОЈО ГОКК Русковска доби 12 гласа.

Недостигот на судии и јавни обвинители лани се покажа со заминувањето во пензија на 40-тина судии и десетина јавни обвинители и дупката од 7 000 распределени предмети што ја оставија, но и „акумулацијата на функции“ така што членови на Судски совет и Совет на јавно обвинители беа номинирани за вршители на функции во телата на Академијата на судии и јавни обвинители.

Според систематизацијата на Судски совет и Совет на јавни обвинители недостигаат околу 200 судии и 100 јавни обвинители.

2022 година финишираше со избори/именувања на нови шефови и на Судскиот совет, кој согласно новата методологија врши оценка на работата на судиите и согласно тоа избира, унапредува и разрешува судии, како и на Академијата за судии и јавно обвинители, што пак е единствениот влез за нови кандидати во правосудството.

На четири месеци пред истекот на мандатот претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска се повлече од функцијата, но остана како член, а на нејзино место беше избрана Весна Дамева. Со повлекувањето Црвенковска остана „должна“ за две појаснувања, која е „судско-бизнис елитата“ за која зборува во повлекувањето и што досега направи Судскиот совет за ниската доверба во правосудството.

Пред крајот на годината, иако потивко, помина уште еден избор, тој за директор на Академијата за судии и јавни обвинители. И сето тоа немаше да е ништо повеќе од редовен избор, ако не му претходеше еден неуспешен обид за гласање, па потоа интересни именувања за членови на управните и надзорни органи на Академијата.

Александар Атанасов

фото: МИА архива

Read Previous

ВМРО-ДПМНЕ: Надвор од функција единствениот ургентен центар за деца на Клиниката за детски болести

Read Next

МНР на Бугарија и Фондација „Бугарска памет“ ќе ја претстават комедијата „Вражалец“ пред публиката во Битола, Штип и Струмица