Со надеж за нова поуспешна година, со желби за подобро здравје за сите, крајот на оваа година традиционално го одбележуваме со серија обраќања на познати бизнисмени, банкари, претприемачи, директори на компании, брокери, или со еден збор сите релевантни чинители од домашната деловната заедница.
Неизвесноста која се наметна со пандемијата, продолжи низ годините, сега, пак, најмногу изразена преку високите цени на енергенсите и инфлацијата. Фактор во деновите пред и после Новата година со читателите ги споделува обраќањата на првите луѓе на најуспешните компании, фондови, консултанстки друштва…
Денеска ги пренесуваме за вас впечатоците и очекувањата на Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје.
Годинава што изминува беше уште една кризна година. Наместо остварување на ланските очекувања дека со завршување на пандемиската криза ќе почне заздравувањето на економиите, се случи руско-украинскиот конфликт кој светот го втурна во нова криза. Глобалниот раст на цените предизвикан од тесните грла на понудата по пандемијата, како и воениот конфликт, продолженото траење и неизвесноста, придонесоа за пренесување на ефектите и во националните економии, вклучително и во нашата. Тоа придонесе за рекордно зголемување на инфлацијата која во многу земји во светот е двоцифрена и е инфлација каква што немало од 90-тите наваму. Согласно со есенските проекции на Меѓународниот монетарен фонд, инфлацијата на светско ниво ќе забрза и од 4,7 отсто во 2021 година ќе се искачи на 8,8 отсто во 2022 година. Растот на цените на храната и енергијата придонесува со околу три четвртини во просечната инфлација во нашата земја, којашто за периодот јануари ‒ септември изнесува 12,4 отсто.
За одржување на среднорочната ценовна стабилност, централните банки настојуваа да ги стабилизираат инфлациските очекувања преку затегнувањето на монетарната политика, односно со покачување на основната камата, со што делуваат врз притисоците од страната на побарувачката.Американската централна банка (ФЕД), на пример, во неколку наврати ги зголеми каматните стапки со што трошоците за задолжување стигнаа во опсег од 4,25 до 4,50 отсто, што е највисоко ниво во последните 15 години.Исто така, Европската централна банка годинава четири пати ги зголеми каматните стапки до ниво од 2,50 отсто со цел достигнување ниво кое ќе биде доволно рестриктивно за да обезбеди навремено враќање на инфлацијата до среднорочната цел од 2 отсто. И кај нас, од април, кога основната каматна стапка беше 1,25 отсто, па наваму, централната банка, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и на среднорочната ценовна стабилност, направи неколку нејзини корекции и истата моментално е на ниво од 4,75 отсто. Следејќи ги сигналите кои доаѓаат од Народната банка, Халкбанк АД Скопје, во неколку наврати направи нагорни корекции во каматните стапки на кредитите и на депозитите.
Секако е важно да се нагласи дека и покрај исклучително комплексните услови во изминатите три години поради економските кризи од глобални размери, домашниот банкарски сектор беше отпорен и претставуваше потпора на економијата и населението. За време на пандемијата, како и сега, во услови на енергетска криза и глобално висока инфлација, и натаму растат депозитите и кредитирањето и на корпоративниот и на секторот домаќинства. Овој тренд укажува на тоа дека довербата на граѓаните и на фирмите во банкарскиот сектор е на високо ниво.
Очекувања за наредната година
За идната година, меѓународните финансиски институции очекуваат забавување на глобалната економска активност, а се ревидираат надолу и очекувањата за раст во однос на пролетните проекции, пред сè за следната година. Според најновите проекции на Меѓународниот монетарен фонд, се очекува дека стапката на раст на глобалната економија од 6 отсто во 2021 година, да се сведе на стапка на раст од 3,2 отсто во оваа и од 2,7 отсто во следната година. Особено погодени секако ќе бидат послабите економии, оние на неразвиените и земјите во развој, главно поради поцврстите фискални и монетарни политики и неизлечените последици од пандемијата.
И во текот на 2023 година, цените на храната би можеле да се задржат на високо ниво. Затоа е голема веројатноста дека глобалните централни банки ќе продолжат со зголемување на каматните стапки и во следниот период, како одговор на инфлациските притисоци во еврозоната, а при висока неизвесност од динамиката на глобалните цени на примарните производи.
Интересна новина што за наредната година ја планира банката
Халкбанк и идната година и покрај ваквите состојби, ќе продолжи со следење на глобалните банкарски трендови и проширување на опсегот на иновативни производи и услуги со цел да биде првата банка што ќе ги спроведе и доближи истите и на македонскиот пазар. Стратешките цели на банката и во наредниот период ќе бидат задржување на позицијата на една од водечките банки во секторот, остварување стабилен раст и одржливо ниво на профитабилност како пат кон одржливо банкарство и општествено одговорна акција за постигнување позелен свет и одржлива иднина.
извор: Фактор