Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје го пречека министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Јохан Вадефул, кој во рамки на својата работна турнеја низ земјите на Западен Балкан ја оствари првата официјална посета на Северна Македонија.
На средбата, како што соопшти Министерството, Муцунски изразувајќи задоволство од посетата потенцирал дека таа уште еднаш ја потврдува важноста што Германија ѝ ја придава на регионот на Западен Балкан, а особено на Северна Македонија, и дека е „јасна потврда за силната германска поддршка на европската перспектива на регионот.“
Двајцата министри го поздравија интензивниот политички дијалог на високо ниво меѓу двете земји и се согласија дека сеопфатната билатерална соработка во сите сектори претставува цврста основа за понатамошно интензивирање на дијалогот и развивање нови форми на партнерство, истакна Министерството.
Муцунски се заблагодарил и „за континуираната и недвосмислена германска поддршка на евроинтегративниот процес на нашата земја“ и го информирал министерот Вадефул за актуелните активности поврзани со европската агенда, реформските процеси, регионалната соработка и добрососедските односи, при што е потврдена „силната посветеност на Владата кон спроведување на реформите и напредокот на патот кон членство во Европската Унија.“
Германскиот министер Вадефул, од своја страна, дал уверување дека Германија останува силен поддржувач на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, вклучително и на Северна Македонија, нагласувајќи дека целосната европска интеграција на регионот претставува најсилен гарант за долгорочна стабилност, мир и просперитет во Европа.
Вадефул се сретна и со премиерот Христијан Мицкоски, кој на американската платформа за социјални мрежи X напиша дека разговарале за продлабочување на соработката меѓу двете земји, тековните регионални предизвици и можностите за нови заеднички иницијативи.
Со посетата на Северна Македонија, шефот на германската дипломатија ја завршува својата турнеја низ земјите од Западен Балкан.
Претходно, тој ги посети Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Србија и Косово.

