Откако денеска ЈСП објави дека возењето со нивните автобуси ќе биде бесплатно поради загадувањето на воздухот, нивната објава веднаш беше затрупана со коментари од незадоволните граѓани.
„А да ги “појачате” линиите попладне да не мрзнееме по автобуски?! Пред некој ден 65 од Стајковци ја пишуваше дека тргнува 17 и 9 од Стајковци значи до почеток на Ченто и требаат 5 до 10 минути. 45 минути чекавме на крај дојде 65 Црешево. Средете го возниот ред, џабе бесплатен превоз без автобуси“, порачува еден корисник на Фејсбук.
“Вреди сега да чекаме 2 часа на станица само за ова. Браво, најдобри сте, само продолжете”, коментира иронично друг.
Во дел од коментарите, скопјани посочуваат дека ова не било точно и дека апаратите не биле исклучени, а тоа е затоа што како што вели една граѓанка, возачот појаснил дека немаат такво известување, затоа и апаратите не биле исклучени.
ЈСП денеска соопшти дека согласно соопштението од Министерствтото за животна средина и просторно планирање за надминување на прагот на алармирање на суспедндирани честички со големина до 10 микрометри, се активира мерката бесплатен јавен превоз.
“Мерката започнува да се применува од 26.12.2022 година, па се до завршување на алармантната состојба, што ќе биде објавено од надлежното министерство согласно резултатите од државниот мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух”, соопшти ЈСП.
Извор: Brif