ноември 23, 2024

Уставната положба на заедниците во Република Северна Македонија – посебен осврт на положбата на Турската заедница

Почитувани, во продолжение го пренесуваме обраќањето на поранешниот претседател на Уставниот суд на Република Северна Македонија г-дин Салих Мурати на панел дискусијата на тема: „Човековите права во образовните перспективи” на Меѓународниот балкански универзитет.

Почитуван Претседател на Република Северна Македонија господин Стево Пендаровски, почитувани протоколарни гости, ценет академски кадар, претставници на управата на Универзитетот и студенти.

Упатувам голема благодарност до универзитетската управа, за организирање и посветување на денешниот ден за афирмирање на човековите права и слободи во нашата држава.

Упатувам најискрени честитки по повод 10-ти декември меѓународниот ден на човекови права на сите луѓе во земјава и во странство, со надеж дека почнувајќи од нашата држава и во сите краеви на светот човекот треба да биде почитуван, вреднуван и да ги ужива сопствените човекови права, без разлика на полот, расата, бојата, вероисповедта, социјалниот статус, националното потекло и други особености.

Темата на моето излагање е: ,,Уставната положба на заедниците во Република Северна Македонија со посебен осврт на положбата на Турската заедница,,. Во ова мое излагање преку одредбите од Уставот ќе се обидам да го обрнам вашето внимание на уставната положба  на заедниците, местото, заштитата на индивидуалните и на колективните права на заедниците, уставните и практичните слабости при примената и остварувањето на наведените права со посебен осврт на правата на припадниците од Турската заедница.

Уставниот развој на Република Северна Македонија може да се подели во две фази и тоа: првата фаза која го опфаќа временскиот период од 1991 година па сè до 2001 година и втората фаза  која  започнува со склучувањето на Охридскиот рамковен договор и донесените  амандмани од 2001 година. Со наведените амандмани се направија одредени измени  во сферата на индивидуалните и колективните права на припадниците на заедниците.  

Со уставните амандмани од 2001 година правата, слободите и положбата на заедниците се доуредуваат, се докомплетираат, се прошируваат со што се добива во квалитетот, во остварувањето и во заштитата на слободите и правата во целина во државава, а особено на правата на заедниците.

Во уставот од 1991 година е повеќе концентрирана и изразена националната ексклузивност на македонскиот народ, со предимство на правата на македонскиот народ, со недефинирани поими и реалности. Тогашниот устав има карактер на фиктивен и нереален устав. Уставот е конфузен и содржи дискриминирачки одредби. Со новиот устав од 1991 година се задира во веќе стекнатите права на народите и на народностите од Социјалистичка Република Македонија, се стеснуваат и укинуваат веќе стекнатите права кои беа во примена од 1965 година па сè до 1991 година. Во име на плурализмот и воведената демократија  се стеснуваат веќе стекнатите и постоечките права на заедниците и тоа при користење на нивниот јазик во службена употреба, образование на нивни мајчин јазик, користење на националните симболи, заштита на нивните културни вредности, правото на политичко преставување во локалната и во централната власт и повреда на други слободи и права на заедниците.

Сметам дека извор на сите политички кризи во земјава е токму уставот од 1991 година и неговите заштитни вредности. За некои автори уставот од 1991 година е нелегитимен. За некои автори е канцелариски и номинален устав. Номинален устав е устав кој се прави за некоја друга реалност, тоа е устав кој нема допирна точка со стварноста. Поради тоа номиналните и фиктивни устави немаат повеќедецениска трајност. За жал тогашниот  устав преставува основна алатка за противуставност и незаконитост. Има повеќе вакви примери за стеснување или одземање на веќе стекнатите права на заедниците. Тука ќе споменам некои од нив. Само за потсетување, во сферата на  образованието на мајчин Турски јазик на Турците во општина Центар Жупа и многугодишна борба за образование на мајчин Турски јазик во основните училишта, со долгогодишни протести и повеќе месечни штрајкови со глад на  стотици родители,  се стеснат нивните слободи и права од страна на власта. И на крајот можам да го наведам и примерот на донесената одлука за  употреба и користење на знамињата на заедниците пред општина Гостивар и која заврши со несакани последици. Уставот од 1991 година има визионерски недостатоци (наводни грешки, политички пристап  коешто денес отворено се признава од авторите на наведениот устав). Наместо да се унапредат правата, се задира во стекнати права од уставот од 1974 и во некои сегменти тие се намалени, уназадени се правата на заедниците; се уочува отсуство на волја да се најдат доволно заеднички вредности во односите меѓу различити етнички заедници и тоа во сферата на употребата на јазиците, употребата на знамињата и симболите, локалната самоуправа и друго. Преамбулата од 1991 година не преставува никаква покана за еднаквост, туку повикува на постоење на пожртвувани граѓани. При увидот на повеќе деловници за работа на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, донесени во 1965, 1967, 1971, 1975, и 1986 година, Законот за употреба на знамињата од 1973 година, Законот за редовните судови од 1976 година, Законот за државната управа од 1981 година, Законот за основното воспитување и образование од 1976 и 1983 и други тогашни закони и анализирањето на одредбите за заедниците во наведените закони со сигурност ќе се увериме за стекнатото право и намалување на наведените права со новиот устав. Само за потсетување, од 1965 година па сè до 1991 година во сите собраниски состави, собраниски тела турскиот јазик бил во службена употреба. За жал денеска поминати се повеќе од 30 години како ниту еден единствен пратеник во собранието нема право да го користи и употребува турскиот јазик.

Секое барање на припадниците на заедниците за остварување на основните слободи и права предвидени во уставот од страна на извршната и од страна на судската власт различито се толкувани. Толкувањето наместо да биде уставно со примена на уставот и меѓународните норми и стандарди се толкувало политички. Секогаш ваквите толкувања и донесени одлуки наместо да изнаоѓаат решение за афирмирање и употреба на правата на заедниците, за жал со наведените противуставни дејствија на органите, користењето на слободите и правата се стеснувало. 

Во меѓувреме Република Македонија како независна држава станува членка на значителни меѓународни организации и асоцијации. Потпишува и ратификува повеќе конвенции, меѓународни договори и спогодби.  Со интегрирање и асоцирање на нашата држава во светските токови,  веднаш се гледа неспремност и неодговорност во однос на повеќето предизвици во содржината на актуелниот устав и законската рамка. Само за потсетување, нашата држава е потписничка односно ги ратификувала следните спогодби, декларации, конвенции односно повелби како што се:

Универзална декларација за правата на човекот,
– Меѓународна конвенција за укинување на сите форми на расна дискриминација,
– Конвенција за елиминирање на сите форми на дискриминација на жената,
– Конвенција за правата на детето,
– Европска конвенција за заштита на човековите права и основни слободи,
– Декларација за правата на детето,
– Декларација за правото на народите на мир,
– Конвенција против дискриминација во образованието,
– Европска повелба за регионалните или малцинските јазици,
– Рамковна конвенција за заштита на националните малцинства и друго.

Овде во кратки црти ќе наведам кратки прилози од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства.

Ова е првиот правно обврзувачки мултилатерален инструмент за заштита на националните малцинства воопшто. Таа се спроведува преку националните закони и политика. Конвенцијата ги предвидува начелата кои треба да ги почитуваат државите кои ја ратификуваат Конвенцијата. Тие вклучуваат еднаквост пред законот, преземање мерки за зачувување и развој на културите и за зачувување на идентитетот, религијата, малцински јазици, традиции, обезбедување на пристап кон медиумите. Конвенцијата предвидува и машинерија за имплементација со која на Комитетот на министри, кому му помага Советодавниот комитет составен од независни експерти – му се доделуваат овластувања да оцени во колкава мера Конвенцијата се спроведува во пракса.

Исто така и Европската повелба за регионални јазици и јазици на малцинствата е меѓународна конвенција која се занимава со заштита на јазичните права на традиционалните културни заедници на Европа. Повелбата е усвоена од страна на Советот на Европа во 1992 година, а стапила во сила на 1 март 1998 година. Денес повелбата е ратификувана од страна на 25 земји-членки на Советот на Европа и потпишана од уште 8 држави чија што ратификација се очекува.

Мерките за заштита и употреба на малцинските и регионалните јазици се однесуваат на доменот на образованието (член 8), судските органи (член 9), контролата и државниот сектор (член 10), медиумите (член 11), културните активности и објекти (член 12), економскиот и социјален живот (член 13) и прекуграничната  размена (член 14).

Република Македонија како услов за прием во Советот на Европа ја потпишала наведената спогодбата во 1996 година но за жал ден денес не е ратификувана од страна на Собранието. Неколку пати имаше обид за ратификација но поради политички пристап на одредени субјекти во Собранието не е ратификувана.

И на крајот, со потпишување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европските заедници и нивните земји-членки (ССА) која е правна рамка која ги регулира односите на Република Македонија со Европската унија од 9 април 2001 година во Луксембург и  нејзината ратификација од сите потписници таа стапи во сила на 1 април 2004 година. Со овој акт Македонија го зацврстува својот меѓународен правен столб со обврска наведените меѓународни принципи да ги вметне во домашните закони.

Поради нефункционален Устав од 1991 година, а со меѓународните обврски преземени со склучување и ратификување повеќе конвенции и спогодби, неминовно беше да се извршат измени и дополнувања во актуелниот устав.

Ако се анализираат во целина уставот од 1991 година, амандманите од 2001, 2003, 2005, 2009 и 2011 година ќе се увиди дека Република Северна Македонија се развива во позитивен правец. Нашата држава преставува пример во опкружувањето и во регионот во предвидувањето, примената и користење на слободите и правата во сите сегменти, а особено во афирмирањето и користењето на слободите и правата на заедниците.

Почнувајќи од преамбулата, во темелните вредности, во основните слободи и права на човекот и граѓанинот, во органите на државната власт, во уставниот суд , во локалната самоуправа и во меѓународните односи на таксативен и многу јасен начин се гледа пореален и пообјективен пристап, земени се  во предвид различностите како богатство на нашата земја, а  мултинационалниот, мултирелигиозниот и мултикултуралниот карактер преставува  богатство и заедничка вредност на македонското општество и се рефлектира во повеќе одредби на актуелниот устав.

Во преамбулата се надминува поимот подржавотворни граѓани, се користи терминот народ и тоа како конститутивни народи кои се одговорни пред идните генерации за зачувувањето и развојот на сè што е вредно од богатото културно наследство и соживот на Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро.

Во одредени членови се предвидува и директно има упатувања кон примена и користење на правата на заедниците. Намерно ќе ги цитирам за да се видат одредени недоречености, слабости, фикции и неприменливости, и тоа:

-дека суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните (член 2);

-во членот 7 се предвидува користење на службен/службени јазици, на локално и на централно ниво;

-Во членот 8 се предвидени темелни вредности на уставниот поредок како што се:

Основни слободи и права на човекот и граѓанинот предвидени во меѓународното право и утврдени со Уставот; слободно изразување на националната припадност; политички плурализам; локална самоуправа; почитување на општо прифатени норми на меѓународното право и соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и во другите јавни институции на сите нивоа;

-исто така на многу јасен и дециден начин уставот предвидува дека граѓаните се еднакви во  СИТЕ СЛОБОДИ И ПРАВА БЕЗ РАЗЛИКА НА ПОЛОТ, РАСАТА, БОЈАТА, НАЦИОНАЛНОСТА. Дека граѓаните пред Уставот и законите се ЕДНАКВИ. (член 9); 

-дека Избирачкото право е еднакво (член 22); 

-дека секој има право во вршење на јавни функции (член 23);

-дека секој има право на образование под еднакви услови (член 44);

-исто така во главата “Слободи и права“ како многу значајно право на заедниците се набројува членот 48  каде е предвидено дека припадниците на заедниците имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите на своите заедници и да ги употребуваат симболите на својата заедница.

Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници.

Припадниците на заедниците имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон.

-Исто така во членот 56 се предвидува дека Републиката гарантира заштита, унапредување и збогатување на историското и уметничкото богатство на Македонија и на сите заедници во Македонија, 

-Дека Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со татковината (Амандман XXXVI).

-Со Амандманот  Х  се предвидуваат услови за примена на Бадентеровиот принцип во работењето, изборот и одлучувањето во Собранието.  

-Одредби за заедниците се забележуваат и во амандманот XI кој ја регулира установата народниот правобранител и XII амандман предвидува одредби за Комитетот за односи меѓу заедниците. 

-Амандманот VIII предвидува одредби за судскиот совет. При избор на судскиот совет, јавниот обвинител, судии и судии на уставниот суд се запазува принципот на соодветна и правична застапеност, а при гласање принципот на Бадентер.

-Особено амандманот XVIII предвидува дека за Одлука за измена на Преамбулата, членовите за локална самоуправа, членот 131, која било одредба што се однесува на правата на припадниците на заедниците, вклучувајќи ги особено членовите 7, 8, 9, 19, 48, 56, 69, 77, 78, 86, 104 и 109, како и одлука за додавање на која било нова одредба која се однесува на предметот на тие одредби и тие членови, ќе биде потребно двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Северна Македонија.                                

Од изложените норми каде се предвидени одредби за заедниците, односно мултинационалниот и мултиконфесионалниот карактер на општеството се гледа значителен напредок за остварување на слободите и правата на заедниците.

На крајот од изложеното сакам истите одредби да ги анализирам од аспект на Турската заедница  при што одредени одредби од самиот устав се дискриминаторски, додека пак поаѓајќи од одредени уставни одредби кои се недефинирани и непрецизни се донесени противуставни закони со кои се повредуваат правата предвидени во уставот.

Класичен пример на уставна дискриминација и повреда на стекнатото право преставува членот 7 од актуелниот устав. Неосновано и спротивно на темелните вредности, во членот 9 и членот 48 од актуелниот устав на директен начин Турците се дискриминирани во поглед на службената употреба на локално и централно ниво на нивниот Турски мајчин јазик и писмо. Наведената одредба е во спротивност и со горенаведените меѓународни конвенции. Турскиот јазик е вековен регионален и традиционален јазик во Р.С Македонија и пошироко. Наведените ограничувања се од политички карактер. Одредбата преставува основ, алатка за асимилација на Турците во Р.С Македонија. Замислете, околу 100 илјади жители на оваа држава, за жал и јас како поранешен претседател на уставниот суд, една проста проширена реченица не можам службено да ја напишам на мојот Турски мајчин јазик, иако наведеното право сме го имале сè до 1991 година. На неуставен и противзаконски начин ни е одземено најосновното право на слободно изразување на националната припадност, на еднаквост на граѓаните по основ на националната припадност, еднаквост пред уставот и законите, се прави повреда на јазичниот идентитет. Одземањето започнува со уставот од 1991 година и  продолжува и со Уставните Амандмани од 2001 година.

Имаме потешкотии при остварување на локалната самоуправа и тоа поради необјективната територијална поделба на општините. Новата територијална поделба нуди полоши решение за Турците отколку претходниот закон.

Имаме огромни потешкотии при реализирање на темелната вредност на уставот т.е. принципот на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и на другите јавни институции на сите нивоа. Накратко, 20 години нема значително померување во применувањето на овој принцип. Застапеноста на турската заедница не надминува 2% во јавната администрација. Минатата година според званичните податоци од 135.000 вработени во јавната администрација турската заедница учествува со 2.200 лица. Од анализите пред неколку години од 1100 установи кои дадоа  податоци, повеќе од 700 установи нема вработено ниту еден припадник од турската заедница. Во судството од 550 судии и околу 180 обвинители Турците учествуваат со скромни 8 лица.

Исто така, меѓу другото имаме потешкотии при остварување на Избирачкото право.  Иако  избирачкото право е неотуѓиво и еднакво според уставот, за жал припадниците на Турската заедница во името на демократијата се обесправени со изборниот модел. Поради недоречената одредба, се дозволува политички монополизам на партиите на поголемите заедници. Отворено се гледа нееднаквост на гласовите. Граѓаните од турската заедница имаат само право да бираат а не и да бидат бирани.

Иако уставот гарантира право на образование под еднакви услови со години наназад Турците имаат голем број сè уште ненадминати проблеми во остварувањето на наведените права во основното и во средното образование. Прво се повредува уставното право на образование на мајчин јазик. Од 14.000 илјади турски деца од нив основно и средно образование на Турски наставен јазик поаѓаат  околу 8.000-9.000 деца во околу 63 основни  и 14 средни училишта. Над 5.000 деца од турска припадност поради административни, локални и централни потешкотии настава посетуваат на други јазици. Многу тешко се отвораат паралелки на турски наставен јазик. Минатата година се поднесени уредни барање за отворање на нови турски паралелки во околу 10 населени места но за жал нема позитивни одговори од локалните и централните власти. Ова незаконитост доведува до дезинтеграција на Турците, а го забрзува процесот на асимилација. Имаме потешкотии при вработување на наставници по турски јазик. Меѓу повредите на уставните загарантирани права е и издавањето на книги и помошни работни практики на турски наставен јазик.

Исто така во главата слободи и права како многу значајно право на заедниците се набројува членот 48  каде е предвидено дека припадниците на заедниците имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите на своите заедници и да ги употребуваат симболите на својата заедница.

Заштитата на овие и други права уставот ги подигнува на ниво на Републиката и вели дека Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници. Припадниците на заедниците имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон. Но практично никој не се грижи за имплементацијата на оваа гаранција и за подобрување на состојбата на Турците во основното и во средното образовани.

Со години наназад имаме потешкотии при остварувањето на правото дека Републиката гарантира заштита, унапредување и збогатување на историското и уметничкото наследство, покрај другите и на Турското наследство. Чувствуваме негрижа од  надлежните органи кон турското културно наследство која преставува заедничко богатство на нашата држава.    

Сметаме дека Републиката многу малку се грижи за дијаспората на Турската заедница. Кога се зборува за дијаспората за жал притоа се мисли на дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ. Се стекнува впечаток дека другите заедници немаат сопствени дијаспори кои се позитивно настроени кон нашата татковина.

Ако се резимира Уставната положба на заедниците и со посебен осврт на правата на припадниците на Турската заедница, на виделина излегува дека генератор на обесправувањето е актуелниот Устав. Со актуелниот устав, поради политички пристап на дел на одредбите и поради недоречености и непрецизности, се обесправуваат граѓаните од помалите заедници, а меѓу нив најмногу припадниците на Турската заедница. Со одредени членови, поточно членот 7 со кој се регулира правото на користење на мајчиниот јазик во службена употреба, членот 22 во врска со избирачкото право и членот 48 е недовршен член. Членот 48  не е во корелација со темелните вредности и еднаквоста на граѓаните. Не ги опфаќа сите права и обврски предвидени во меѓународните конвенции. Класичен пример е нератификувањето на европската конвенција за локални и регионални јазици.

Дел од уставните одредби како тие погоре се фиктивни, без примена односно со огромни недостатоци во примената.

Државата нема контролни и обврзувачки механизми при примената на принципот на правична и соодветна застапеност, примена на јазиците на заедниците на локално ниво, образование на мајчин јазик, заштита на културата на турската заедница, заштита на историското наследство на другите заедници, а особено на турската. Нивните историски споменици се оставени на милост или немилост.

Уставните норми мора да бидат јасни, недвосмислени, применливи и објективни во правниот промет. Државата има обврска да ги афирмира правата на заедниците. Но, за жал повеќегодишни анализи на извештаите на правата на заедниците изготвени во земјава и од меѓународни установи преставуваат една голема фикција, и се некомпатибилни со стварната состојба, површински, без решителни факти и препораки.

Државата во уставот мора да предвидува државнички императивни контролни механизми со обврзувачки  карактер. Не може да се остави само правото на заштита на наведените права пред судовите, тој товар да го сноси  само граѓанинот. Државата мора да го надгледува реализирањето и обемот на реализирањето на гарантираните права а особено правата на заедниците.

Мора да се формираат задолжителни комитети или агенции и истите да бидат предвидени во уставот, а нивната надлежност да се регулира со закон. Такви би биле: Комитет за следење на принципот за правична и соодветна застапеност, Комитет/Агенција за следење на примената на јазиците, Комитет за следење на наставата на мајчин јазик, Комитет за заштита на културите на заедниците, Комитет за заштита на историските споменици и културното наследство на заедниците. Комитетите треба да бидат одговорни за примена и остварување на наведените права, да следат, набљудуваат, да преземаат законски активности за надминување на актуелните состојби. Против установата и одговорните да преземаат законски активности за одговорност за неприменување и кршење на наведените права, да изготвуваат задолжителни периодични и годишни извештаи до владата и другите врвни државни институции. Само вака може да се надминат наведените слабости.

15.12.2022 година, Скопје

Read Previous

Мицкоски: Патриоти во затвор, криминалците во коалиција со Власта на слобода, во Македонија има партизирано судство и обвинителство

Read Next

Поразителни податоци: Само 4 проценти веруваат во правосудството