ноември 22, 2024

Љуљзиме Ќоку разрешена од функција – тврди дека одлуката е донесена политички

Љуљзиме Ќоку е разрешена од функцијата раководител на Секторот за правни работи во општина Тетово. Таа вели дека на своето работно место била исполнителна, па затоа тврди дека ваквата одлука е донесена на политичка основа, бидејќи истовремено е и претседателка на Форумот на жени на  Алијанса за Албанците.

„Општинскиот раководител ме разреши од функцијата раководител на Секторот за правни работи. Мислам дека работата ја извршував навреме и квалитетно. Се сомневам дека станува збор за политички аспекти и не сакам да верувам дека градоначалникот го презел овој чекор поради политичка цел. Јас сум ангажирана и како претседателка на Форумот на жени во Алијанса за Албанците, од огранокот во Тетово“, вели Љуљзиме Ќоку.

Во однос на одлуката за разрешување, прашавме и во општина Тетово. Од таму велат дека Ќоку била само како привремена замена.

„Во секторот каде што беше раководителка, имаше раководител на сектор кој беше со решение. Но, поради влошена здравствена состојба беше на годишен одмор и сега се врати во тој сектор. Првично се врати со скратено, а потоа со целосно работно време. Во текот на овој период секторот не можеше да остане без раководител. Славица, презимето не ѝ го знам, беше тука во општина Тетово и на оваа позиција беше преку конкурс или со решение. Во моментот кога ќе истече договорот и ќе завршат обврските што ги извршувале, и ако на општината нема потреба, секако дека нивниот договор нема да биде продолжен“, вели Бесар Дурмиши.

Read Previous

На Хаваите поради ерупција на вулканот мобилизирана војската

Read Next

Објавени детали за падот на хрватскиот МиГ