Лидерот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски обвинува дека ЕСМ за само три дена ќе купи струја за над 4 милиони евра.
-Продолжуваат во владата „хероите” со „херојските дела“ во енергетиката. Нов увоз на струја и ново авансно „херојско” плаќање. За само 3 дена од 5ти до 7ми Декември, ЕСМ ќе увезе струја во вредност од околу 4.200.000 €. За само еден месец, од 7ми Ноември до 7ми Декември „хероите” во владата увезоа струја за точно 32.955.084€ или за повеќе од 1 милион € на ден. Доколку работеше ЕСМ како што најавуваа „хероите” во владата со трите блока во Битола и едниот блок во Осломеј, или ако трансформаторот во Битола стигнеше како што најавуваа на 1ви Ноември, овие пари немаше да се потрошат на увоз на струја. Ќе имаше повеќе за студентски оброк, за земјоделците, ќе имаше повеќе за градинки, улици, паркови и училишта, вели Мицкоски.
Според него, власта наместо да произведува, увезува за, како што вели, авансни херојски провизии.
-Доаѓа денот на одговорност кога „херојските” авансни провизии ќе ви бидат претешки, рече Мицкоски.