ноември 23, 2024

Маричиќ: Измени на Уставот до редовните избори – членството во Европската Унија треба да се случи до 2030 година

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ е убеден дека промените на Уставот ќе се случат до одржувањето на редовите избори, а предвремени избори вели нема да има. Тој во вчерашниот магазин Клик плус рече – убеден сум дека сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ не се против уставните измени, но и тоа дека со опозицијата ќе се разговара зошто треба да ги гласаат овие промени.

„Ние ќе ги дадеме сите аргументи зошто опозицијата да гласа и ќе им дадеме доволно простор за да можат да се качат на овој брод. Дали со вклучување еве преку Националниот совет, значи ќе дадеме можност да имаат доверба дека овој процес навистина е почнат и дека самите тие ќе го закочат доколку не гласаат. Предвремени избори не се потребни и јас мислам дека ќе успееме тоа до редовните да го направиме“, вели Бојан Маричиќ.

Но што ќе значи самото влегување во Европската унија за граѓаните. Маричиќ вели дека најпрво ќе добиеме средства со кои ќе помогнат за етапно да се приклучуваме кон европските пазари, за инфраструктурни проекти, ќе се зголеми можноста на земјоделците подобро да произведуваат но и да имаат пласман, но најмногу од се, ќе мора да се регулираат многу сегменти кои, како што признава, досега ниту една Влада не успеала да ги доведе во ред и да функционираат како што треба.

„Ние да можевме сами ќе ги направевме за овие 30 години сами работите и ќе бевме Швајцарија. Па не можеме затоа што очигледно не постои доволно свест низ годините на сите политички фактори, ниту во јавноста, ниту во одредени фели. Немојте да мислиме дека ќе биде едноставно кога ќе влеземе да речеме во откажување на монополите во определени области кога ќе треба да либерализираме определени пазари. Немојте да мислите дека ќе биде едноставно кога ќе треба нашите компании да се отворат кон европскиот пазар“, додава Бојан Маричиќ.

За скринингот кој веќе е започнат Маричиќ вели дека во тој процес нема да помине ниту една слабост бидејќи, како што истакна се добива листа на задачи како и рокови кога треба да бидат завршени. И тој како што и вчера рече претседателот Пендаровски, очекува дека преговорите ќе ги завршиме во 2030 година.

Read Previous

Средба на Спасовски со новоименуваниот шеф на Мисијата на ОБСЕ, Килијан Вал

Read Next

Ковачевски до Мицкоски: Дали од странците бараш да дојдеш на власт, а потоа да го смениш Уставот!