ноември 24, 2024

Втор ден комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2023 година

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска втор ден расправа за Предлог-буџетот за 2023 година. За опозицијата власта предложила неразвоен, нереален и инфлаторен буџет, а за владејачките партии со Предлог-буџетот се обезбедени пари за справување со последиците од енергетската криза и зголемената инфлација, за редовно сервисирање на сите обврски на државата, како и за поддршка на реформите и евроинтегративните процеси.

Љупчо Пренџов од ГРОМ во својот говор ја обвини власта дека со новиот Предлог-буџет се обидува да брани нешто што, како што рече, не се брани.

-Клучен заклучок е дека ова е инфлациски буџет и не се базира на реалниот раст на економијата и реалниот пораст на животниот стандард, туку се базира исклучиво на инфлацијата, рече Пренџов.

Инфлацијата, како што кажа, делува како зголемен данок што го плаќаат и фирмите и граѓаните.

Обвини за постојано растење на буџетскиот дефицит во последните шест години и, како што рече, од просечните 250 до 260 милиони евра буџетски дефицит пред 2016 година, сега ќе дојде до 870 милиони евра.

Во реплика заменик-министерот за финансии Филип Николоски посочи дека три години по ред сме во услови на криза, но и во такви услови, како што кажа, Владата успеа да направи раст на БДП. Порача дека Владата континуирано работи и на намалување на буџетскиот дефицит.

Лолита Ристова од СДСМ истакна дека со буџетот за 2023 година се планира поддршка на приватната потрошувачка, инвестиции и извоз преку зголемена конкурентност, дигитализација и модернизација на производството и услугите.

-Се планира зголемување на инвестициската активност со директна и индиректна поддршка на активности на компаниите. Тоа е како резултат на подобрената инвестициска клима, зелената транзиција, дигиталната трансформација и други моменти кои ќе доведат до отворање на нови работни места преку успешна примена на активните мерки за вработување, како и преку поддршка на микро, мали и средни претпријатија во државата, рече Ристова.

Нагласи дека се планира да се позајмува за финансирање на инвестициски проекти, односно, како што рече, парите на граѓаните да бидат употребени таму каде што ќе дадат најголеми ефекти за подобрување на квалитетот на живот.

-Како и досега доколку има потреба Владата ќе интервенира со одредени антикризни мерки што ќе бидат насочени и кон граѓаните и кон компаниите, потенцира таа.

Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека секој од буџетите во последните шест години е поголем од претходниот и има повеќе планирани средства за капитални расходи, но ништо не е реализирано во делот на капитални инвестиции.

-Во новиот буџет планирате 791 милион евра за капитални расходи. За таква намена имавте планирано три милијарди евра во шесте буџети, но со нив немате направено ништо и единствено ги рекламирате започнатите проекти од ВМРО-ДПМНЕ, рече Мисајловски.

Праша кои големи проекти ќе бидат започнати во следната година и зошто не се користат средствата од буџетот за капитални расходи.

Во реплика заменик-министерот Николоски рече дека не е точно дека од 2018 година досега се потрошени три милијарди евра на капитални инвестиции, туку се потрошени 1,4 милијарди евра.

-Од капиталните инвестиции за 2023 година во износ од 791 милион евра 250 милиони се за патна инфраструктура, пред се за Коридорот 8 и Коридорот 10д, 40 милиони се за железничка инфраструктура, 140 милиони евра за опрема и машини, 160 милиони за градежни активности и реконструкција на градежни објекти, 10 милиони евра за софтвери и лиценци, 25 милиони за стокови резерви и 70 милиони евра за поддршка на ЕСМ во случај на потреба од нови антикризни мерки, прецизира Николоски.

Во Предлог-буџетот за следната година растот е проектиран на 2,9 отсто, а инфлацијата на 7,1 отсто. Вкупните приходи се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП. За капитални расходи, пак, се планирани 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 отсто повеќе во однос на планот за 2022 година.

Комисијата ја почна дебатата завчера, а денеска е втор од вкупно предвидените 10 дена за расправа. Комисиската расправа ќе продолжи во 15:00 часот. Поднесени се 263 амандмани од сите политички партии од кои  203 се од ВМРО-ДПМНЕ.

Read Previous

Скопска Апелација ја укина првостепената пресуда за „Трезор“

Read Next

Во петок цело Скопје ќе биде блокирано, сите главни крстосници