ноември 23, 2024

Хаос со паркирањето во Карпош 1 и 2, зонското остана само ветување

Граѓаните и понатаму вртат низ населбите барајќи место за возилата, се нервираат, ставаат канти за да сочуваат слободно место за паркирање, се расправаат меѓу себе и досега никакви апели и жалби до општината не им ја олеснија маката.

Со години жителите на населбите Карпош 1 и 2, како и оние што живеат во реонот на Млечен и кај Порта Влае, имаат сериозни проблеми со паркирањето, но досега освен ветувања, не добија никакво решение. Беа спроведувани анкети, беше најавувано зонско паркирање, монтажни гаражи, но сѐ уште ништо не е реализирано.

Граѓаните и понатаму вртат „кругчиња“ низ населбите барајќи место за возилата, се нервираат, ставаат канти за да сочуваат слободно место за паркирање, се расправаат меѓу себе. Никакви апели и жалби до општината не им ја олеснија маката.

Од Општина Карпош велат дека се планира зонско паркирање во Карпош 1 и 2, но дека сѐ уште се чека согласност од МВР, односно од СВР Скопје.

– Во однос на најавените монтажни гаражи, градоначалникот стои на ветувањето и тоа ќе биде реализирано. Оваа година Општината не беше во можност да издвои средства за тие проекти бидејќи се плаќаа долгови. Општинската сметка беше блокирана до 9 август. Монтажни гаражи се планирани да се прават во Карпош 1, кај Млечен, во Влае – велат од Општината.

Проблемите веројатно се најголеми во Карпош 1 каде што возилата си ги оставаат луѓе што работат преку улица, поточно преку Рузвелтова, во Центар, каде што паркирањето скапо чини или е наменето само за резиденти.

– Значи, буквално со години се ветува и ништо. На улиците и на паркиралиштата во населбава можат да се најдат возила од цела Македонија, а ние што живееме тука, немаме каде да се паркираме кога ќе си дојдеме дома. Секој ден нервози, буквално секој ден. Половина час вртиме низ населба барајќи слободно место – раскажува револтирано жител на Карпош 1.

Пролетва градоначалникот Стевчо Јакимовски најави дека не само во населбите Карпош 1 и Карпош 2, туку на целиот потег од улицата Франклин Рузвелт до булевар Осми септември ќе се воведе зонско паркирање, односно во делот од Карпош што граничи со Центар. Како што објасни Јакимовски, Општина Карпош веќе нарачала  проект за регулирање на сообраќајот во мирување за потегот од Министерство за економија до „Салон 29“, а со зонско паркирање ќе биде опфатен и целиот простор кај Млечен и кај „Веро“ во Тафталиџе.

На седница на Советот на Карпош беше изгласано јавното претпријатие „Градски паркинг“ да биде одговорно за јавните паркиралишта и јавните површини кои ќе бидат наменети за зонско паркирање во општината. Според усвоената одлука, „Градски паркинг“ треба да преземе активности за организација на сообраќајот во мирување, вклучувајќи го обележувањето, одржувањето и користењето, како и техничките и организациските работи, наплатата и надзорот над паркирањето на возилата и останатите работи на јавните паркиралишта и површини за зонско паркирање.

– Предвидено уредување на територија во Карпош 1 се улиците: Гиго Михајловски, Иван Аговски, Даскал Камче, Руѓер Бошковиќ и Никола Тесла. Со реорганизација и реконструкција на овие јавни површини на кои би се вовело зонско паркирање, јавното претпријатие би овозможило паркирање за околу 400 возила. Во Карпош 2 предвидено е да се оспособи потегот од булевар Осми септември, улица Бранислав Нушиќ и улица Веселин Маслеша, со што би се ставиле во употреба приближно 300 паркинг-места – прецизираа од ЈП „Градски паркинг“.

Сепак, сите тие планови засега остануваат само на хартија. Градоначалникот Јакимовски за проблемот со паркирањето разговараше и со министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, при неговата неодамнешна посета на општината.

– Разговаравме и за она сериозно прашање што го тишти цело Скопје, а тоа е проблемот со паркирање и комплицираните процедури за воведување зонско паркирање или друг начин на паркирање што ќе го подобри животот на граѓаните во општината и констатиравме дека во одредени делови ни се потребни законски измени и консултација меѓу владините институции и локалната самоуправа – рече градоначалникот по средбата со Пенов.

Карпошани и натаму се во очекување да се најде решение за хаосот со паркирањето на овие неколку локации и да им се олесни секојдневното функционирање на тамошните жители.

Read Previous

Ковачевски: Ако се усогласиме за клучните принципи, можно е Алијанса за Албанците да влезе во Влада

Read Next

МНР по нападот врз бугарскиот клуб: Очекуваме конкретни активности од институциите во РСМ