Никогаш не сум го поседувала имотот кој беше посочен од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки. Единствено што поседував е плац, што е уредно продаден пред повеќе од десетина години, изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска на прес-конференција на која одговори на наводите дека крие имот.
– Ниту нешто кријам, ниту нешто ќе скријам. Затоа, наместо да праќам соопштенија или да објавувам фејсбук статуси, стојам пред Вас и одговорно изјавувам: Прес-конференцијата на поранешниот припадник на Армијата, Драган Ковачки е груба лага и манипулација, изјави Петровска.
Ковачки, нагласи Петровска, има рок од 24 часа да се извини, а во спротивно, како што рече, против него ќе биде поднесена тужба за клевета, а парите ќе ги донира на жртвите од владеењето на Никола Груевски.
Петровска, исто така, го повика Ковачки да се извини на семејството што е легален сопственик на имотот и да престане со, како што рече, старите навики на незаконско следење и фотографирање.
Прашана дали е сега време за вакви пресметки, Петровска рече дека таа својата обврска како министерка за одбрана ја извршува и совесно и одговорно и дека е посветена од првиот ден на она што значат предизвици за Министерството и за Армијата.
– Што се однесува до прашањето дали е сега време или не да дискутираме на вакви теми или да се обвинуваме, апсолутно за мене е секогаш време да ја зборуваме вистината. А зошто поранешниот припадник на Армијата, кој одбра самиот одбра да излезе од Армијата и да и служи на една политичка партија, а не на државата, одбира навистина во вакво време да прави конструкции и лаги против министер за одбрана, па и против Армијата, тоа е прашање кое треба да му го поставите нему. И јас нема да бегам без оглед на небулозите кои беа изнесувани и очекувам и во иднина да бидат изнесувани уште поголеми. Нема да бегам и како и од првиот момент на моето работење ќе останам транспарентна во одговорите. Нема да се кријам зад ниту една политичка партија, нема да се кријам ниту зад соопштение и фејсбук статуси како што тој тоа го правеше изминатиот период. Зборувам јасно и гласно затоа што ја зборувам вистината, изјави Петровска.