Министерот за локална самоуправа на Република Северна Македонија, Ристо Пенов, се сретна со амбасадорот на Бугарија, Ангел Ангелов, јавува БТА. На средбата се разговараше за соработката меѓу Министерството за локална самоуправа и Министерството за регионален развој и јавни работи на Република Бугарија, како и за перспективите за интеграција на земјата во Европската унија, информира Министерството за локална самоуправа.
На средбата Пенов истакна дека соработката меѓу двете министерства надлежни за спроведување на Програмата за прекугранична соработка на ЕУ е на високо ниво.
За тоа говори високата стапка од 100 процентна искористеност на средствата од Европската Унија за финансирање проекти во општините во пограничните региони. Во втората фаза од ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу двете земји со вкупен буџет од 19,5 милиони евра, одобрени се 30 проекти, од кои најголем дел се реализирани. Веќе следната недела ќе биде поставен почетокот на третата фаза во чии рамки ќе се организираат нови јавни покани за проекти, рече Пенов.
На средбата се разговараше и за подинамична имплементација на Меморандумот за соработка меѓу двете министерства за размена на искуства и градење капацитети за подобра имплементација на програмите за ИПА, со кои се финансираат многу корисни проекти во општините, но и градење доверба меѓу граѓаните, што е од големо значење во процесот на интегрирање на земјата во Европската унија.