– Во Скопје се одржа церемонија по повод новата инвестиција на турската високотехнолошка компанија „Текнопанел“, која ќе инвестира 20 милиони евра во изградба на нов производствен капацитет во ТИРЗ 1 Скопје
Во Скопје се одржа церемонија по повод новата инвестиција на турската високотехнолошка компанија „Текнопанел“, која ќе инвестира 20 милиони евра во изградба на нов производствен капацитет во ТИРЗ 1 Скопје.
На церемонијата учествуваа премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, амбасадорот на Туркије во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, претседателот на Управниот одбор на „Текнопанел“, Орхан Кахвеџи, претставници на турските организации во земјата, како и други поканети гости.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна дека денешниов ден е важен бидејќи во земјата влегува нова инвестиција.
„„Текнопанел“ одбра да ја донесе својата инвестиција токму тука и ова секако не е случајно. Ние како Влада обезбедуваме можности и предности за инвестирање во Северна Македонија“, нагласи Ковачевски, додавајќи дека „Текнопанел“ произведува иновативни покривни панели кои истовремено нудат топлинска хидро и звучна изолација, а се отпорни и на пожар.
Ковачевски нагласи дека оваа групација има 460 вработени и дека е една од водечките компании во Европа со напредно технолошко производство и извоз во 102 земји во светот.
„Она што е многу важно во дадената ситуација е тоа што од нашите работници, од тука, од Скопје, ќе се снабдуваат купувачите на европскиот пазар. Во следните девет години се очекува извозот да биде 170,5 милиони евра. „Текнопанел“ инвестира 20 милиони евра во изградба на нов производствен капацитет. Производството ќе започне од следната година со што ќе се отворат 120 нови работни места со просечна нето-плата за вработените од околу 600 евра“, истакна премиерот Ковачевски.
Упатувајќи благодарност за оваа инвестиција, Ковачевски додаде:
„Покрај овие поздрави до присутните, морам да упатам и уште три поздрави кои имаат посебно значење, а тоа се до претседателот на Турција, господинот Ердоган, до претседателот на Парламентот на Турција, господинот Шентоп и до министерот за надворешни работи, господинот Чавушоглу, затоа што исклучително добрите односи коишто ги имаме помеѓу Северна Македонијa и Турција се должат на многу честите искрени и конструктивни контакти што ги имаме со претставниците на највисоките органи на Република Турција, и токму тие исклучително добри односи што ги имаме, се причината за резултатот [што го имаме], турските компании да инвестираат во нашата држава.“
Турскиот амбасадор Секизќок нагласи дека турските компании реализирале инвестиции во различни сектори во Северна Македонија и успешно ја претставуваат Туркије во оваа насока.
„Со висококвалитетните инвестиции, турските компании покажаа дека се партнер кој се бара и за кого има потреба. Нашата компанија „Текнопанел“ од денеска ќе додаде нова динамика во еден важен сектор во економијата на Северна Македонија, а во исто време ќе создаде вработувања и ќе биде една додадена вредност“, рече Секизќок.
Тој нагласи дека е важно што меѓу земјите постои заедничка политичка волја за унапредување на економската состојба, и рече: „Туркије ќе продолжи да ги охрабрува новите инвеститори да доаѓаат во братската и пријателска земја Северна Македонија. Нашата Амбасада, како и досега, и понатаму ќе ги поддржува инвеститорите“, нагласи турскиот амбасадор.
Претседателот на Управниот одбор на „Текнопанел“, Кахвеџи, рече дека оваа фабрика во Скопје е нивната прва фабрика во странство и дека фабриката е подготвена за производство со инвестиција вредна 20 милиони евра.
„Нашата фабрика со површина од вкупно 55.000 метри квадратни, од кои 16.000 метри квадратни се затворена просторија, годишно ќе произведува сендвич-панели од 3 милиони метри квадратни и 350.000 метри кубни ЕПС-производи, кои ќе ги извезуваме во сите европски и балкански земји. Нашата цел во извозот е годишно 35 милиони евра. Со нашата нова екипа која ќе се состои од 120 вработени, веќе сме подготвени за работа“, рече тој.
„„Текнопанел“ денес врши извоз во 102 земји во Азија, Европа, Африка, Северна Американ и Јужна Америка“, додаде Кахвеџи.
Директорот на ТИРЗ, Деспотовски, истакна дека 120 нови вработувања се респектабилна бројка.
„Мислам дека „Текнопанел“, а тоа е обврска и на самата компанија, нема да застане со овие 20 милиони евра и со овој капацитет. Се надевам дека веќе во наредните месеци, можеби наредната година, ќе ги отпочнеме разговорите за значително проширување на тие капацитети“, додаде тој.
Станува збор за високотехнолошка компанија која ќе инвестира 20 милиони евра во изградба на нов производствен капацитет за производство на иновативни т.н. „сендвич“ покривни панели кои истовремено нудат топлинска, хидро и звучна изолација, а отпорни се и на пожар, и особено се користат за покривни површини на индустриски згради.