November 27, 2026

Заладување и снег за викендот, на планините се очекува нова снежна покривка до 20 сантиметри

Зимските температури пристигнуваат во Македонија, а по дождливото време следува продор на студен воздух кој ќе донесе снег на планините, но и на дел од повисоките места. Метеоролозите најавуваат врнежи во текот на утрешниот ден и за време на викендот, а од понеделник времето ќе се стабилизира, но ќе биде значително постудено.

Според прогнозата, утре ќе преовладува облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни и ќе надминат 30 литри на квадратен метар за 24 часа. На планините ќе врне снег, а попладне, со продорот на постуден воздух од север, врнежите на дел од повисоките места ќе преминат во снег.

Ќе дува ветер од северен правец, кој наместа ќе биде засилен до силен, особено во североисточните делови од земјата и долж Повардарието.

Во Скопје се очекува облачно време со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта постои можност дождот да премине во снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, кој во одделни делови од котлината повремено ќе биде засилен.

Врнежливото време ќе продолжи и во текот на викендот, кога на пониските места ќе има дожд и снег, а на повисоките предели и планините ќе врне снег. Се очекува формирање нова снежна покривка до 20 сантиметри на планините, додека на повисоките места таа ќе достигне од два до 10 сантиметри.

Врнежите постепено ќе престануваат во недела кон крајот на денот, по што од понеделник следува период на стабилно, но студено време.

Најниските температури се очекуваат во вторник и среда, кога утринските минимални вредности на места ќе се спуштат и до минус 14 степени.

Read Previous

Собранието на Албанија го усвои буџетот за 2027 година

Read Next

Радомир Саичиќ, кандидат на Студентската листа за претседател на Србија