Струмичка Беласица го сопна најтрофејниот макеоднски клуб Вардар попладнево во Скопје, па со ремито 1-1 ги спречи црвено-црните да се вратат на првото место, па Гостивар кој вчера победи во Охрид со 2-1 и единствен непоразен тим во Втората лига сега е нов лидер по 12 рунди во второлигашката конкуренција.
Долго Вардар се мачеше да ги скрши струмичани и успеа преку екс-репрезентативецот Кире Маркоски да даде гол за водство на 15 минути пред крајот, но вардарци кратко се реадуваа и тешко стекнатата предност не успеаа да ја сочуваат, па седум минути по водството нивниот екс-фудбалер Гугуљанов ги шокираше и за Беласица обезбеди бод.
Еден од најголемите македонски брендови Тетекс продолжува со срамните настапи, па како никогаш досега не бил понижен, како во Битола, откако Пелистер му даде дури -11 гола. Тетовци доживеаа тежок срам, како кулминација на мизеријата на некогашниот куп-освојувач, а дека дебакл им се заканува јасно беше по 22 минути игра откако битолчани дадоа пет гола, до полувремето погодија уште двапати за неверојатни 7-0 по 45 минути, а сè заврши со уште четири во вториот дел.
Хет-трик даде Борче Маневски, а уште осуммина други фудбалери на Пелистер се запишаа по еднаш во листата на стрелци – Драгарски, Мустафов, Стефановски, Китановски, Наумовски, Фазлиу, Трајковски и Здравевски.
Фенерџијата Борец го запиша 12-от пораз во 12-от меч откако Каменица Саса славеше со 3-0, а убедлив беше и Детонит Плачковица со 3-0 против Беса. Дуелот Караорман – Локомотива Пехчево заврши без победник 1-1. Кожув во Гевгелија ја победи Слога Виница со 2-0.
ВТОРА ЛИГА, 12. КОЛО
Вардар – Беласица 1-1
Пелистер – Тетекс 11-0
Карароман – Локомотива Пехчево 1-1
Детонит Плачковица – Беса 3-0
Борец – Каменица Саса 0-3
Кожув – Слога Виница 2-0
ВЧЕРА
Охрид – Гостивар 1-2
Арсими – Воска 1-2
ТАБЕЛА: Гостивар 30, Вардар 29, Воска Спорт 27, Детонит П. 24, Пелистер 23, Охрид 22, Караорман 18, Беласица 16, Беса 14, Кожув 14, Арсими 13, Каменица Саса 12, Локомотива П. 11, Слога Виница 9, Тетекс 7, Борец 0.